Обвинување: Национални шуми ги дискриминира Албанците

Омраза, занемарување, дискриминација врз етничка основа и бројни злоупотреби на службената должност, се само дел од обвинувањата на заменик-директорот на „Национални шуми“, Сафет Мифтари, за директорот Валентин Груевски, пренесува Алсат. На првиот работен ден, Мифтари вели дека побарал неговото име да биде напишано на албански, но потоа, како што тврди, албанската верзија била покриена со црн спреј и од таблата на влезот во институцијата.



„Имаме 10 сектори и нема ниеден раководител Албанец во нив. Побарав најмалку тројца раководители и тројца заменик-раководители на сектори, но не беше прифатено. Истото се случува и со регионалните единици, така што ова јавно претпријатие е составено од 30 регионални единици, во секој град и исто и кај тие директорски места, според правичната застапеност треба да имаме 9 директори, но и тоа не е направено, има само тројца од ДУИ“, изјави Сафет Мифтари, Заменик-директор на ЈП Национални шуми.

Во оваа институција со над 1.800 вработени, Албанците се застапени со помалку од 5 проценти. Заменик-директорот Мифтари вели дека поради неговата националност директорот целосно го игнорира, па повеќе овластувања од него имале и вработените од пониско ниво. Мифтари се сомнева дека се местат тендери и најави кривични пријави.

„Ако не се преземат мерки, апелирам до надлежните институции, почнувајќи од Агенцијата за спроведување на законот за албански јазик, Антикорупциската комисија, Финансиската полиција, да преземат мерки бидејќи јас исто така ќе поднесам кривични тужби против него, ако не се преземат мерки за спречување на злоупотреби. Се сомневаме дека и владини фирми тука местат тендери“, рече Сафет Мифтари, Заменик-директор на ЈП Национални шуми, а пренесе Алсат.

Мифтари додава дека иако побарал, не му се дава пристап до целосната листа на вработени, бидејќи секој ден во канцеларијата гледа нови луѓе што му ги носи Либерално-демократската партија.