Кога обвинителството поднесува предлог за некоја мерка, очекува судот да ја прифати, изјави вечерва обвинителката Катерина Коларевиќ откако пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд во Скопје ги изнесе аргументите зошто смета дека генералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири, треба да заврши во притвор.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција го сомничи Зеќири за склучување на договор во четири очи со фирма за консултантски услуги за 57 932 100 денари (941 985 евра), а покрај него осомничени се и двајца Хрвати за кои се сомнева дека му помогнале.
Во изјава за медиумите, по соочувањето со Зеќири и неговиот адвокат пред судија на претходна постапка, таа вели дека имаат сомнежи дека генералниот секретар може да избега, но како што рече тоа се оперативни сознанија.
„Ако судот ги прифати, ќе бидат соопштени, ако не ги прифати, повторно ќе објасни зошто не ги прифати“, рече Коларевиќ.
Како што рече и шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, и Коларевиќ посочи дека за двајцата осомничени Хрвати оперативните сознанија од МВР се дека ја имаат напуштено државата. Но, како што вели, откако МВР ќе достави и официјален податок дека тие излегле од земјава, ќе може со сигурност да се каже дека не се тука.
Притворот, како што претходно рекоа од Обвинителството, се бара поради опасност од бегство, како и опасност од уништување на трагите или влијание на потенцијални сведоци.





