Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски тврди дека изборниот ден и целите избори минале мирно што е различна позиција од таа на Комисијата за следење на нерегуларности во Јавното обвинителство.
Комисијата за нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела од Глава шеснаесет – Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на локалните избори, формирана во Jавното обвинителство, ја известува јавноста дека во текот на организирањето и спроведувањето на локалните избори заклучно со првиот круг на гласање одржан на 17 октомври 2021 година, пристигнаа голем број известувања, поднесоци и пријави за индиции за сторени изборни нерегуларности.
„По сеопфатна анализа и проверка на наводите во доставените поднесоци и пријави, Комисијата и основните јавни обвинителства кои постапуваа по нив итно и неодложно, утврдија постоење на елементи на сторени кривични дела кои се гонат по службена должност во мал дел од добиените поднесоци и пријави. По нив се оформени предмети во соодветните основни јавни обвинителства и интензивно се прибираат материјални и вербални докази. По нивното разгледување и анализа, надлежните обвинители ќе донесат и соодетни јавнообвинителски одлуки за натамошно постапување“, информираат од ЈОРМ.






