Најмалку 10 луѓе е официјалната бројка на загинати, а непознат број се повредени во пожарот кој го изгоре до темел ковид-одделението на тетовската болница.
Пожарот избувнал околу 21 часот, по што следувале и неколку експлозии, веројатно предизвикани од боците за кислород.
Во модуларната болница во тој момент имало 24 пациенти болни од ковид и непознат број медицински лица.
По дојавата веднаш реагирале пожарникарските служби кои дошле на местото со седум возила, но не успеале да ја спасат болницата од целосно уништување.
Пожарникарите интервенирале веднаш , но не успеале да ја спасат болницата затоа што пожарот се ширел со огромна брзина и се прелевал од една просторија во друга, а тие биле немоќни да го запрат.
Од снимките од место на настанот може да се види дека од модуларната болница која беше пуштена во употреба во април годинава, не е останато ништо.
По несреќата на местото пристигнале и бројни роднини и пријатели на пациентите кои се лекуваа во болницата, јавуваат повеќе медиуми.
Во Тетово веднаш се упатија премиерот Зоран Заев и министрите за здравство и внатрешни работи Венко Филипче и Оливер Спасовски. Формиран е кризен штаб, но никој вечерва не ги коментираше причините за несреќата, вклучително и градоначалничката Теута Арифи.
Форензички тимови уште вчера започнале со истрага за причините за трагедијата.
„Во Тетово се случи несреќа која однесе повеќе човечки жртви. До моментов се потврдени десет загинати во пожарот, но бројката може да порасне. Ова е многу тажен ден, изразувам најдлабоко сочуство до семејствата“, соопшти министерот Филипче.
За денеска во 10 часот е закажана и вонредна владина седница на која ќе се расправа за трагедијата.
На терен се експерти на МВР и обвинители од Скопје и Тетово кои ги истражуваат причините за несреќата.
Претседателот Стево Пендаровски и премиерот Заев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски им изразија сочуство на семејствата на загинатите и им посакаа брзо опоравување на повредените. Сочуство на жртвите покрај другите им изрази и албанскиот претседател Илир Мета.






