Обвинителството бара притвор за шестоосомничениот кој од Србија го префрлил Палевски во Турција

Јавното обвинителство вечерва бара притвор за шесто осомничениот за помагање на убијците на Вања и Панче Жежовски кој од Србија го префрлил во Турција.



Според Обвинителството Љупчо Палевски, осомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, во саботата влегол во Турција преку граничен премин со Бугарија.

Шестоосомничениот е 46 годишен скопјанец кој управувал џип марка „Ленд Ровер“ со кој го возел Палевски од Србија кон Турција.

Од Обвинителството тврдат дека во саботата на 2 декември, Палевски и скопјанецот, од Србија влегле во Бугарија и потоа продолжиле кон Турција и истиот ден влегле во таа држава.

За возачот кој му помагал на Палевски Обвинителството бара 48 часовен притвор и го товари дека извршил кривично дело „Помагање на сторител по извршено кривично дело од член 365 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик“.

„Основаното сомневање дека осомничениот го сторил кривичното дело произлегува од досега прибавените докази од Бирото за јавна безбедност, Сектор за меѓународна полициска соработка доставено до СВР Скопје во кое е наведено дека лице осомничено дека сторило кривично дело, по кое сега е распишана меѓународна потерница, на 02.12.2023 година било регистрирано на граничните премини во Р.Бугарија и тоа со влез во Р.Бугарија на ГП Калотина и излез од Р.Бугарија на ГП Капитан Андреево (кон Р.Турција). И двете регистрации се со возило марка Ланд Ровер, управувано од осомничениот. Лицето е лишено од слобода и со него полициски службеници од Секторот за меѓународна соработка извршија информативен разговор“, стои во официјалното соопштение на Обвинителството.

Возилото според извори на expres.mk не е Ленд Ровер туку Рејнџ Ровер и се води на фирма.

Предходно беше објавено дека Палевски бега од Скопје и државата во четвртокот, на 30 ноември, кога неговиот пријател и адвокат Васко Стојков го носи во Белград. Стојков тврди дека не знаел за што се сомничи Палевски и дека тој побарал помош од него да го превезе бидеји немал автомобил а имал закажан лекарски преглед.

Откако во петокот навечер на 1 декември, МВР приведува пемина осомничени за инволвираност во убиствата на Ѓорчевска и Жежовски. Меѓу приведените се неговите сопартијци Велибор Манев и Боре Видоевски од Велес и Влатко Кешишов Палевски со помош на 46 годишниот скопјанец ја напушта Србија и преку Бугарија бега за Турција.

Уапсен шести осомничен за убиството на Вања кој преку Бугарија патувал за Турција