Обвинителка призна дека моќни луѓе вршеле притисок да запре истрага за Драги Рашковски

Екс шефицата на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска признава дека моќник или повеќе моќници вршеле притисок да запре истрагата за екс генералниот секретар на владата и најблизок соработник на екс премиерот Заев.



Од страв дека ќе добие тужба за клевета Русковска не сака да открие од кого или од која инстанца доаѓал притисокот.

Поранешната шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, прашана дали имала притисоци да ја запре истрагата за поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, одговорила потврдно но не открива од кого се заканите.

„Не би сакала да навлегувам. Веќе имам две тужби за клевета. Не сакам уште една да имам. Рочиштето по тужбата од Арафат Муареми е закажано за 22 декември. За другата сè уште немам информација“, одговара Русковска на прашањето – од која инстанца бил притисокот.

Во интервјуто Русковска индиректно открива дека меѓу истрагите поради кои била тргната од својата позиција е и истрага во која се истражувал важен член на владата.