Обвинител што криеше предмет за ДУИ поднесол кривична кон колеги за тајни податоци дадени на осуден новинар

Обвинител што како шеф на Вишо јавно обвинителство учествуваше во криење на предмет за ДУИ за да застари (Титаник 3 за Ејуп Халими и Исмет Гури за изборни местенки во Чаир подоцна пропадна) поднесол кривична за колегите за давање на тајни податоци од предмети дадени на сега осуден новинар.



Шефот на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи објави дека почнал дисциплински постапки и поднел информација во форма на кривична пријава против двајца обвинители.

Хајрулаху тоа го сторил по тврдењата изнесени во порталот „Доказ“ дека двајца обвинители соработувале со сопственикот на порталот. Во изјава за ТВ Канал 5, Хајрулаху вели дека по тврдењата на сопственикот на порталот „Доказ М“, Марјан Стаменковски, за наводна инволвираност на обвинители во неговите текстови, поднел дисциплински и информација во форма на кривични пријави против двајца негови колеги-обвинители.

Хајрулахи, по изнесените тврдења од страна на сопственикот на порталот Марјан Стаменковски, побарал писмена информација од Основното јавно обвинителство, кое води предистражна постапка за финансиите на Стаменковски а правеше вештачење на неговите запленети телефони и компјутери.

Хајрулахи за едниот јавен обвинител поднесол пријава за можна злоупотреба на службена положба и овластување, како и можна злоупотреба на лични податоци. За вториот обвинител поднесол кривична пријава за злоупотреба на лични податоци.

Според неофицијални информации од обвинителството двајцата обвинители против кои се поднесени кривичните пријави се екс обвинителката на СЈО Фатиме Фетаи и екс шефот на Основното скопско јавно обвинителство Сашо Рајчев.

Фетаи и Рајчев засега не реагираат на овие информации.