Обвинетите за „27 април“ не се чуствуваат виновни

Поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, поранешните министри за транспорт и врски и за труд и социјална политика Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и екс директорот на УБК Владимир Атанасовски денеска во Основниот суд се изјаснија за невини за кривично дело- терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.



Тие се обвинети дека биле организатори на насилствата на 27 април 2017 година во Собранието.

„Го разбрав обвинението, но разбрав и дека Обвинителството нема докази. Се работи за класичен политички прогон со цел пратениците да гласаат за уставните промени и пратениците тоа да го изнесат пред јавноста“, рече Вељаноски пред судот.

Спиро Ристовски пак во изјаснувањето изјави: „Aпсолутно не се чуствувам виновен бидејќи се работи за класичен политички прогон“.

Јанакиески рече дека невиноста ќе ја докажел низ постапката, а Атанасовски кратко кажа дека не се чувствува виновен.

Обвинителката Вилма Русковска рече дека ќе докаже оти обвинетите изготвиле план за да го загрозат уставниот поредок и безбедноста и да спречат мирно предавање на власта.

Според неа, тие биле коцките од мозаикот, а нивните услогласени дејствија придонеле тој да функционира.