Според помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања Џејмс О’Брајан, во текот на претходните децении, неколку земји беа на пат кон Европа, но без јасни перспективи за напредок
Тие земји се наоѓаат, како што некои велат, меѓу Русија и САД и се протегаат од Каспиското Море до Јадранското Море, рече тој за време на говорот во германскиот Маршалов фонд во Вашингтон оценувајќи дека тоа е „сив простор“ кој претставува „сериозен проблем за нашата безбедност, но и за луѓето од тие земји“.
„Во Западен Балкан постои замор од ветувањата за пат кон Европската унија и тогаш тоа никогаш не се случува. И Брисел го призна тоа“, вели О’Брајан.
Тој го пофали и Планот за раст на Западен Балкан како иновативен механизам што ќе им биде достапен на шесте земји од Западен Балкан.
Европската комисија го усвои Планот на ЕУ за Западен Балкан вреден шест милијарди евра. Планот има за цел економски раст на регионот во периодот 2024-2027 година.
„Ова се стероиди за економијата и тоа може да се случи многу брзо“, рече О’Брајан, додавајќи дека земјите го чекаат конечното одобрување на Планот.






