Облачно и посвежо време со врнежи од дожд преку целиот ден, се очекуваат денеска, а наместа тие ќе бидат обилни и над 40 литри на метар квадратен.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 15, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени. Во Скопје утринската температура изнесува 14 степени и не се очекува да се искачи над 16 степени во текот на денот.
Врнежите повремено ќе бидат поројни и проследени со грмежи, локално во форма на невреме со силен ветер.
„Доколку овие врнежи се со голем интензитет и за кратко време паднат на одредени помали сливни површини, во текот на ноќта и утрото можно е да дојде до поројни истекувања на помалите водотеци и суводолици и до несакани излевања на нивните води кои би можеле да предизвикаат локални проблеми како покрај водотекот така и на патната инфраструктура која е во негова близина.
На одредени места можна е и појава на свлечишта и одрони. Во одредени градски населби поради истечни и канализациони води можна е појава на локални комунални проблеми“, предупредуваат од УХМР.
Од таму предупредуваат за внимателно движење покрај реките и суводолиците поради можна појава на опасни води и свлечишта.






