Рафтовите во маркетите каде што до вчера стоеја белиот и полубелиот леб, во најголем дел осамнаа празни. Ова е епилогот по одлуката на Владата да ја замрзне цената на 33 денари. „Алфа“ направи обиколка во неколку познати брендови од ланец продавници, каде можеа да се видат полни рафтови со леб, чија цена не е замрзната, односно се продава за над 50 денари.
Дел од граѓаните велат дека не успеале да купат леб по 33 денари, зашто тој го нема. Револтирани се од односот на пекарниците и на власта – зашто сиот товар паѓа врз грбот на граѓаните.

Онаму каде што има бел леб, тој е производство на помали фурни и се продава по усогласени цени. „Алфа“ беше и во неколку познати скопски прекарници. Таму рафтовите беа полни со полубел и бел леб, кој се продаваше и под замрзнатата цена, односно за 33 денари.
Инспекцијата е на терен и ги чешла маркетите и пекарниците, дали се почитува одлуката на Владата за замрзнување на цената на лебот. Инспекторите, односно околу 170 од нив, ќе нотираат и кои маркети не добиле леб поради најавениот штрајк на производителите. Тие пак, не попуштаат. Остануваат на ставот дека нема да произведуваат и да носат леб по укинувањето на субвенцијата за струја и по замрзнувањето на цената на лебот.
Од Владата пак не дозволуваат мерките да се носат за некој да се богати, а друг да осиромашува, туку да им се помогне на граѓаните. Според министерот за земјоделство Љупчо Николовски, одлуката за замрзнување на цената на брашното била донесена по направените анализите, а Државниот пазарен инспекторат ги направил сите пресметки.
Одлуката што ја донесе Владата, а излезе во Службен весник за замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб ќе важи до 31 мај годинава.





