Обид и на Рама како Курти да влијае врз внатрешните работи на РМ: ќе разговара со Таравари за „изборите на 8 мај и постројувањето на АА кон ЕУ“

„Претседателот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, денес официјално ќе се сретне лице в лице со премиерот на Албанија Еди Рама. Рама со Таравари ќе разговара за изборите на 8 мај и за постројувањето на АА во насока кон Европската Унија.“ – објави локалниот информативен портал на албански јазик „Тетова сот“ во информацијата со наслов „Таравари денес кај Рама – започнува треската во ДУИ“.



„Тетова сот“ пишува: „Вчера министерот за Европа и надворешна политика на Албанија Игли Хасани изјави дека неговата земја ќе ги подржи напредните проевропски албански сили во * Македонија, односно оние политички партии, кои се стремат кон Европската унија.“

„Не се знае дали по средбата Рама-Таравари АА ќе одлучи набргу со кого ќе коалицира пред изборите на 8 мај. Мнозинството во претседателството и собранието на АА се за голема соработка со ДУИ, пратениците од оваа партија се, исто така за соработка со ДУИ, но се уште не се знае што ќе одлучи Арбен Таравари: дали ќе го продолжи патот сам, придружувајќи ѝ се на албанската опозиција, или ќе се приклучи со Зијадин Села во редовите на Европскиот фронт, во кој е ДУИ.“

Оваа средба на албанскиот премиер Еди Рама е обид да изврши директно влијание врз Алијансата за Албанците и нејзината одлука со кого ќе коалицира за претстојните парламентарни избори, што претставува и недозволиво мешање во внатрешните работи на Македонија. Исто како и Албин Курти, косовскиот премиер и лидер на тамошната владејачка партија Ветвендосје – Самоопределување, кој веќе и отворено ја поддржа албанската опозиција, заради „уривање на режимот и власта на Али Ахмети и ДУИ“. Се уште нема прецизна информација дали и Еди Рама се придружил на регионалниот „албански политички фронт“ против Ахмети и ДУИ, во кој активно веќе „дејствува“ Албин Курти.