Обесен рапер во Иран, уште 24 осуденици чекаат егзекуција

Најмалку 24 Иранци се соочуваат со смртна казна за учество во протести во кои се критикува владата, се вели во извештајот објавен во ирански весник.



Иранскиот дневен весник „Етемад“ објави список составен од правосудните органи во кој 25 демонстранти се обвинети за „војување против Бог“, обвинение кое според исламскиот закон се казнува со смрт.

Раперот Мохсен Шекари (23), кој исто така беше на списокот, беше погубен во четвртокот претходно обвинет за напад на чувар со оружје, поттикнување тероризам и блокирање на пат.
Правосудните органи најавија дека егзекуциите ќе продолжат, јави Би-Би-Си.

Егзекуцијата на Шекари наиде на остра осуда во Иран и во странство, но, политичките лидери на Иран, вклучително и претседателот Ебрахим Раиси, ја опишаа егзекуцијата како легитимен одговор на немирите низ целата земја.

Протестите беа предизвикани од смртта на иранската Курдка Махса Амини на 16 септември. Таа почина во полициски притвор откако беше уапсена поради кршење на исламскиот кодекс на облекување.

Покрај меѓународните санкции поврзани со иранската нуклеарна програма, Техеран сега се соочува и со санкции за кршење на човековите права.