Омбудсманот утврдил тортура врз бизнисмен, амбасадорите шокирани

Потврда на тврдењата на одбраната на притворени бизнисмен Јордан Камчев дека осомничениот за случајот „Плацеви на Водно“ е притворен незаконски и малтретиран. Според народниот правобранител тој во затворот во Шутка спротивно на уставот бил подложен на тортура.



Извори во канцеларијата на народниот правобранител велат дека Насер Зибери го посетил Камчев во притвор и во својот извештај напишал дека во првите притворски денови, практично до посетата на омбудсманот, бизнисменот бил чуван во нехумани и деградирачки услови и дека имал проблеми дури со доставата на вода за пиење.

Во меѓувреме, Јордан Камчев, преку полномошникот адвокат Тони Менкиновски, до Собранието доставил барање за надзор врз работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ).

Барањето е упатено до Љупчо Пренџов, претседател на Комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, како и до претсетаделот на Собранието Талат Џафери.

Од шефот на Комисијата се бара да утврди дали постои пречекорување на законските ограничувања и овластувања при постапувањето на АНБ во постапката СД бр. 02-545/1 од аспект на пречекорување на овластувањата, преземање неовластени постапки, злоупотреба и други неправилности во работењето, мерките кои ги спровела АНБ, дали Агенцијата постапила врз основа на наредби од суд за спроведување на мерки за тајно собирање на податоци и информации, дали постапила по наредби од суд за спроведување на мерки за следење на комуникации и дали начинот на собирање на тие податоци е законски.

На 16 октомври 2020 година Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја почнало истрагата во која Камчев е осомничен за перење пари и други приноси од казниво дело. Камчев е приведен на 14 март врз основа на информација од АНБ, а обвинителката Лиле Стефанова, која се претставила како обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, поднела барање за притвор во траење од 30 дена. Во предлогот за притвор е наведено дека Камчев бил следен од 12 до 14 февруари годинава од страна на АНБ од која била добиена информација дека би можел да ја напушти земјата. Кон предлогот за определување притвор како единствен доказ била приложена белешката од АНБ од 14 март за наводно бегство на Камчев, која на одбраната не ѝ била доставена на увид.

Адвокатот Менкиновски во барањето за надзор, поднесено до Собранието на 26 март, потсетува дека според Законот за агенцијата за национална безбедност, таа е овластена за заштита на националната безбедност на државата, па оттука, прашува тој, како осомничениот Камчев ја загрозува националната безбедност за да биде следен два дена и да биде изготвена службена белешка во која имало информација дека се спремал за бегство.

Се досега останува нејасно кој наредил незаконско лишување од слобода и приведување на Камчев, односно по кој правен основ МВР СВР Скопје незаконски го привела по информација од АНБ која постапила надвор од своите законски овластувања предвидени во Законот за агенција за национална безбедност.

За тортурата врз Камчев деновиве биле известени и претставници на повеќе странски амбасади кои најавиле реакции за тортурата во македонските затворски институции.