Нуредини: “Во Црна Гора бидна, редот и е на Македонија да добие албански премиер – четврти во Балканот“

„Од животно значење е историјата, испишана во Црна Гора, во која е избран албански премиер, третиот на Балканот, да се случи и во с.Македонија, за да го добијат Албанците и четвртиот премиер.“ – се вели во анализата на Валдрин Нуредини со наслов „Во Црна Гора бидна, сега и е редот на Македонија!“, објавена во косовскиот весник „Бота сот“.

Нуредини пишува: „За прв пат во историјата имаме тројца албански премиери на Западниот Балкан. Од стратегиски аспект, тоа е најповолниот момент за унапредување на албанското прашање и за преземање поважна и посериозна улога во меѓународните структури и организации. Оваа позиција Албанците мора да ја задржат и да ја искористат за своето претставување како народ. Но, во Македонија, иако неофицијално Албанците ги има повеќе од 40 отсто, а официјално 30 отсто, никогаш немало Албанец на чело на Владата, ниту претседател на државата, туку моментно само претседател на Парламентот. Настаните во Црна Гора, каде што Албанците ги има 5 проценти, треба да се повторат и во с.Македонија, во која тие се најголемиот етникум меѓу вкупното население. Од животно значење е историјата, испишана во Црна Гора, да се случи и во с.Македонија.“

„Четвртиот албански премиер, наскоро, но како привремен“

„Во изјава за весникот ‘Бота сот’ градоначалникот на Чаир Висар Ганиу, кој е од ДУИ, вели дека објавувањето на Абазовиќ како претседател на Владата на Црна Гора и како трет албански премиер во три различни држави на Балканот, е историски за албанскиот народ. Toj е убеден дека четвртиот албански премиер ќе биде премиерот на с.Македонија. ‘Веќе постои договор меѓу СДСМ и ДУИ, кој јасно и недвосмислено предвидува дека Владата на с.Македонија во последните три месеци, или во последните 100 дена ќе ја раководи Албанец, од редовите на ДУИ.’- рече Ганиу.“

„Аднан Беќири, предавач во Школата за дипломатија во Женева, во Швајцарија, вели дека во Македонија непостоењето согласие меѓу албанските партии придонесло албанското мнозинство се уште да нема премиер на државата. ‘Албанските партии таму беа поделени низ годините. Да не беше тоа, со оглед на поделбите и меѓу македонските партии СДСМ и ВМРО ДПМНЕ Албанците ќе можеа да имаат свој премиер уште од одамна.“

„Беќири вели дека постојат разни начини како Албанците можат да дојдат на власт и советува оти би било многу поефектно, ако ги надминат инаетите и ако се обединат. ‘Треба час поскоро да се тргнат настрана партиските интереси и да се организираат околу една платформа, дури и привремена, со цел да се постигне клучна факторизација како албански народ во Македонија. Ова е идеално и е тешко остварливо, но политички е многу поплодно.’ – вели Беќири.“