На лидерите на државите кои Москва ги смета за „непријателски“ нема да им бидат испратени традиционалните новогодишни и божиќни честитки од претседателот Владимир Путин оваа година, изјави за ТАСС портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, додавајќи дека пораките ќе ги добијат само пријателите и сојузниците на Русија.
Рускиот лидер традиционално во декември испраќа официјални пораки до сегашните и до поранешните странски лидери, во кои им ги упатува своите најдобри желби за претстојните празници. Сепак, со оглед на невидените тензии што ги доживува Москва со Вашингтон и со неговите сојузници, списокот на приматели стана нешто пократок.
„[Путин] нема да ги испраќа [своите поздрави] до непријателските“, одговори Песков на прашањето кои странски лидери ќе ги добијат пораките оваа година. „Пријателските“ ќе ги добијат поздравите, рече тој, без да образложи кој точно се наоѓа на списокот.
Минатата година, на списокот на приматели што го објави Кремљ немаше ниту еден западен лидер, освен унгарскиот премиер Виктор Орбан и српскиот претседател Александар Вучиќ.
Честитките за 2022 година, исто така, не беа испратени до ниту еден шеф на различни меѓународни тела. Кремљ тогаш не ги коментираше причините за таа одлука. Од списокот на поранешни шефови на држави и влади кои требаше да добијат празнична порака од рускиот претседател беше отстранета и поранешната германска канцеларка Ангела Меркел.
На рускиот список на 49 непријателски држави е и Македонија.





