Професорката по македонски јазик и авторка на едукативни ТВ производи Татјана Николиќ, упатува новогодишна честитка до моќниците.
Во својата честитка полна со незгодни прашања Алексиќ го анализира феноменот на срам и одговорност.
,,Дали некогаш некој, од било која власт во било кое општествено уредување, се посрамил од своите постапки, признал вина и одговорност?
Дали одговорните чувствуваат срам кога не го исполнуваат ветеното?
Не!
Дури и порекнуваат дека такво нешто ветиле обвинувајќи ги другите за погрешна перцепција. ,,Златни” алатки на манипулаторите се напад и обвинување. Моќниците бесрамно ја обвинуваат сиромаштијата за неспособност акумулирајќи огромно лично богатство.
Колкумина од нив се срамат што не вложуваат средства додека ,,тонат бродовите” , па нека се и сплавови на Ади…
Се срамат ли од канцерогениот воздух кој го дишат немајќи време да сфатат дека и нивните деца се отруени. Колкумина од нив молчат пред вистината стимулирајќи ја лагата со кеш. Бесрамно купуваат углед, кариера, рејтинг, лажна биографија и вештачка среќа.
Дали некој од нив се посрамил што вистинскиот квалитет и потенцијал го избркаа од земјата, што мижат пред криминал и насилие додека симулираат закон?
Се срамат ли што здравството е пукнато по сите крпени шевови, што не постои суштинска грижа за најранливите категории, за старите, децата, животните… Се засрами ли некој од грешките во учебниците, се извини ли барем?
Нели е најсрамното нешто што ја убивме Македонија со сѐ идентитетот и јазикот!
Не црвенеат ли од срам кога ја гледаат убавата Македонија како грдее од хаос, разврат, безобзирност и себичност на бескруполозната жед за власт. Таму каде нема срам нема ни мир, ни здравје, ни љубов, ни човечност…
Заборавивме да се срамиме!
Веќе ни децата не знаат да поруменат во обравчињата кога сакаат да излажат, туку те гледаат директно во очи повторувајќи ја лагата. А има од кого и да учат додека ги гледаат политичарите, властодршците и моќниците.
,,Она што не го брани законот – го брани срамот” – Сенека.
Нека ни е со среќа уште една бесрамна година!”, пишува Алексиќ во својата емотивна исповед поставувајќи логични прашања на кои тешко дека некој политичар или моќник ќе се осмели да даде одговор.





