Ново задолжување по брза постапка

По брза постапка ќе се задолжиме за нови 633,8 милиони евра. Два дена откако Буџетот стигна до Собрание, пристигнале и пет законски текстови подготвени од Министерството за финансии, со предлози за задолжувања, а ќе се отплаќаат во наредните триесеттина години. Проценти за провизии се знаат, додека каматните стапки ќе се утврдуваат на „лице место“, кога ќе се доставуваат барањата за користење извесни суми од добиените позајмици, пишува порталот Пари. мк
Два од предложените закони се за доизградба на пругата кон Бугарија.
Се бараат износи од 90 до 175 милиони евра. Два од кредитите се за завршување на таканаречената „традиционално предизборна“ пруга кон источниот сосед, а другите се за резерви, директна поддршка на Буџетот, за интервенција на девизниот пазар, за поквалитетни јавни услуги, попродуктивни работни места во приватниот сектор, за климатски промени. Ова треба да помине на „брза лента ” во Собрание.
Ќе се задолжиме по 175 милиони евра од Европската инвестициона банка (ЕИБ) и од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
Од Кредитната банка за обнова (КфВ) Македонија ќе позајми 90 милиони евра, износ што ќе го повлече во една транша. Рокот за отплата е 12 години и пет месеци, со вклучен грејс период од три години. Каматната стапка засега не е позната.
Од Европската унија, со Договор за заем за макро-финансиска поддршка, ќе се задолжиме со 100 милиони евра. Со цел „овозможување на Владата да ги користи средствата за резерви, за интервенција на пазарот на девизи или како директна поддршка за Буџетот“.



Заемот ќе се повлекува во две еднакви транши од по 50 милиони евра, за што Министерството за финансии треба да доставува писмени барања до Европската комисија. И заедно со даночните обврзници да се надева дека парите ќе се одобрат со поволни услови.
Најбрзопотезно е задолжувањето кај Светска банка, постигнато со Договорот за заем за развојни политики за одржливост и отпорност. Износот од 93.800.000 евра ќе биде повлечен во една транша – до крајот на годинава.
Извор : https://pari.com.mk/pet-predlozi-za-zaemi-vo-sobranieto-po-kratka/