Ново задолжување на државата. Граѓанска обврзница ќе има до крајот на овој или во текот на наредниот месец, а државата планира за прв пат да издаде и зелена обврзница, но во меѓувреме власта си ги емитува добро испробаните државни обврзници, преку кои собира средства на домашниот пазар, односно од домашните банки и инвестициски фондови, објави Фактор. Од вчера на Берзата котираат уште две државни обврзници, едната на сума од приближно 30 милиони евра, додека, пак, другата на износ од безмалку 6 милиони евра, или на вкупна сума од 36 милиони евра.

Каматните стапки се 6,15 и 5,9 проценти, што ако е за утеха, се исти камати како и на претходните две аукции.
Берзата вчера извести дека стартуваат со котација државни обврзници од два типа. Првата е без девизна клаузула, со вредност од 29,8 милиони евра, и таа била издадена на 7 септември, додека ќе достаса после 15 години, односно на истиот датум во 2038 година. Каматната стапка е 6,15 отсто, а точната сума е 29,8 милиони евра.
Втората обврзница е со девизна клаузула, со вредност од 6 милиони евра, издадена на истиот датум како и претходната, и исто така со 15 години рок на доспевање. Каматата изнесува 5,9 отсто. Претходно, во август , државата издаде обврзница од 7,8 милиони евра, на 15 години, со камата од 6,15 проценти.

Во јули, пак, беа издадени 15 годишни државни обврзници на вкупна сума од над 19 милиони евра, а нивните каматни стапки беа 6,15 проценти. Дотогаш, тоа беше убедливо највисока каматна стапка на државните хартии од вредност остварена во многу долг период наназад.
А, како што е познато, за граѓанските обврзници беше платена камата од 5 отсто годишно, која ја добија граѓаните на 13 јули, позајмувајќи и на државата вкупно 23,5 милиони евра, за првата транша од граѓанската обврзница. Сепак, треба да се има предвид дека граѓанската обврзница е многу пократкорточна хартија од вредност, односно таа ќе доспее и парите ќе им бидат вратени на граѓаните после само две години.
На последната пресконференција министерот за финансии Фатмир Бесими рече дека нова емисија на граѓански обврзнициќе има овој или најдоцна наредниот месец. Спореди дека таа им е поисплатлива на граѓаните, бидејќи ако ги чуваат парите во банка каматите се од 1,3 до 2,3 отсто, а во случајот со граѓанската обврзница каматата е повисока и изнесува 5 проценти. А, се прават последните подготовки до крајот на годината да биде издадена и зелената обврзница.
Блаж Бродњак, прв човек, односно претседател на Управниот одбор на Групацијата НЛБ Нова Љубљанска банка, која е сопственик на домашната НЛБ Банка, неодамна од Љубљана за новинарите изјави дека на банките не им се конкуренција граѓанските обврзници, бидејќи банките се доста ликвидни.




