Ново црно потресно сведоштво: Со моите деца дадовме жртва на пандемијата поради хаотичниот здравствен систем

По објавата на сведоштовото на Наде Јовчевска, чиј сопруг го загубил животот додека се лекувал од Ковид 19, во нашата редакција пристигна уште едно писмо, овојпат од Александра Крстевска, која исто така сака да го сподели искуството од борбата за спас и трауматичноо соочување со смртта на брачниот партнер.



И во овој текст се поставени бројни прашања поврзани со (не)професионалноста, (не)ажурноста и етичкиот кодекс на кои треба да се темели здравствениот систем.

Писмото на Крстевска го пренесуваме во целост:

fbt

Јас Александра Крстевска, сопруга на Дејан Крстевски кој исто така е еден од 7000 души кои ја загубија битката со Ковид-19, читајќи го текстот, приказната на Наде Јовчевска за нејзиниот сопруг, добив храброст јавно да ја кажам приказната за мојот сопруг и за голготата низ која поминавме и борбата со нашето здравство и Ковид-19.

Сакам да се надоврзам на приказната на Наде и да потенцирам што се случуваше во нашата држава со болните од II бран. Ќе ги споменам месеците ОКТОМВРИ, НОЕМВРИ и ДЕКЕМВРИ. И да поставам неколку прашања до министерот за Здравство и неговиот паметен тим.
-Зошто во Македонија нема протокол за лечење од оваа Чума, како многу други држави?

-Зошто не ги следеа примерите од соседството за нивната добра организација, каде што смртността е каде-каде е помала?
-Зошто, Зошто не беа организирани во овие месеци (10,11,12-2020)-тргнувајќи од матичните, на кои им беше забрането да прегледуваат, да направат барем едно диши, диши?

-Зошто во овие месеци по позитивен Ковид тест или прв симптом не ни викаа веднаш да се направи крвна слика, па дури тогаш да се почне со антибиотик, затоа што со ниско ЦРП не се дава антибиотик?

-Зошто како во другите држави, со протокол државата им донира на матичните апаратчиња за мерење на сатурација, а потоа матичните им го даваат на пациентите болни со Ковид да мерат дома додека се во изолација?

-Зошто кога викав Брза Помош ми рекоа дека тие неможат да дојдат, несмеат, па ми дадоа два мобилни броја и тоа ми го кажаа тивко како да сум со некакви привилегии? Со сопругот се убивме од вртење на броевите и никој не се јавуваше, телефонот беше исклучен?

-Зошто не бевте организирани, на пример: секоја Општина да има Тријажен Центар, каде што ќе беа прегледувани, каде што ќе се даваше инфузија, клексани и слично?

Да не ја споменам во овие три месеци домашната посета која не функционираше, пр: Крива Паланка, град со најмала смртност, по први симптоми матичните и во овие три месеци ги прегледуваа крвна слика и ренген па дури тогаш ги упатуваа за брис во Куманово и Скопје, а домашната посета беспрекорно си функционираше, наутро и навечер инфузии и клексани по потреба, а нас не ни беше кажано ни дека Тријажен Центар постои. Ние во II бран бевме буквално оставени сами на себе (позитивен си, влезен во систем, Полиција доаѓа ако мрднеш казната е огромна, пиј витамини, Сумамед, без преглед и крвна слика иако ЦРПто ти е ниско).

Ние во II бран сите бевме експериментални глувчиња, ВРСКА НЕМАВТЕ, го изгубив мојот маж и многу други починаа затоа што, ќе повторам, нема протокол за лечење и во овој период до 06.11.2020 год. само два Ковид Центра, половина не беа хоспитализирани, немаше ќор кревет, половина луѓе умреа пред Тријажните Центри, не го пречекорија прагот во болницата, за жал тоа го видов лично.

Нашата голгота започна вака: мојот сопруг се зарази на работа, на отворено, сите со маски. Беше еден од најсовесните граѓани, со маска и средство, во секој момент. Без разлика Алфа, Бета, Гама, Делта сите се екстра заразни кога имаш контакт со вирусот. Ги поздравувам и оние несовесните кои со симптоми дошле на работа, кај ќе им оди душата се прашувам? Во петок му заврши работната недела, во саботата се пожали на болка во кичмата од која често имаше мака, вечерта околу 18 часот, главоболка и температура. 38 и почнаа да се јавуваат еден по еден од колегите до полноќ, сите со симптоми, 9 души заразени.

Во меѓувреме избезумени, каде да одиме што да правиме сабота накај недела, на ,,Ало Докторе” ни рекоа се мора со матичната, која не работи сабота и недела, а мобилен немавме, што да правиме Боже, уплашени и многу нервозни, останува Систина и Филип II, во тој период, да напоменам се зборуваше дека на Систина не им се многу точни тестовите, ја тргнавме како опција и се јавивме во Филип II, ни закажаа утредента најдоцна до 11 часот да бидеме таму, тестот чинеше 6000 денари, се јавив на роднините кои веке беа позитивни за консултација, нивната матична им дала витамини, Сума Мед а за температура ништо, само да се премачкуваат со лимон по телото. Сопругот ги зема витамините и Парацетамолот од страв за температурата, утредента се упативме кон Филип II, а таму беше како на концерт. Резултатот требаше да го добиеме за 2 часа а го добивме дури вечерта во 21 часот. Утре дента се слушнаа со матичната и го стави на Сума Мед дупла доза, без преглед. Кога почна да кашла и повраќа, се јавив на матичната и ја кажав состојбата, одговорот беше дека спазми прави од потењето и дека нема место за паника. Самата побарав упат во случај да се влоши ситуацијата, вечерта со покачен шеќер повторно се јавивме дали да го носам во болница, ни беше кажано дека е нормално покачен шеќер за време на Ковид, а тој веќе беше дијабеичар тип 2 и да внимаваме на дишењето, а јас веќе со први симптоми, не знаев дали е Ковид дали е настинка.

Утредента се влоши дишењето, 5 дена по првите симптоми, заминавме во Тријажен 8 ми Септември. Повторно како на концерт, 31ви беше по ред, со мал наод на едно белодробно крило, со земена крв за крвна слика, дадена една инфузија, ренген и сатурација 91, го испратија дома. Во било која нормална држава со оваа сатурација ги хоспитализираат, а резултатите се готови утредента. Додека го чекав во автомобилот бев сведок на една мајка која ја извести докторот дека синот го ставиле на респиратор, плачеше, урлаше, викаше, дека поради нив затоа што несакале да го хоспитализираат завршил така. Кога си дојдовме дома премногу уплашена од тоа што го слушнав почнав да паничам и плачам, побарав упат за Инфективно и врски за кревет, на Инфективно повторно гужва. Го видоив пеколот, луѓе по ќошиња седнати се борат за воздух, а надвор лелек на луѓето што ја примиле лошата вест. На мојот сопруг не му беше добро, го замолив дечкото пред него да му го отстапи редот, кој само си поткашлуваше, а беше екстремно дебел, за да видам по некој ден по порталите дека истиот тој Нено починал. Го прегледаа, сатурација 92/93 исто мал наод на едно белодробно крило, температура 39, му земаа крвна слика.

Докторот рече: Одете си дома, ако се на граница или лоши резултатите ќе ве викнам ноќеска, ако не сабајле дојдете во 8 часот, да не ја утнеме работата бидејќи е дијабетичар и млад, а дишењето е паничен напад. Докторката се јави дури сабајле дека решиле да го хоспитализираат со венска терапија и да го однесам на Инфективна. Кога пристигнавме таму, иако повикани од дома, кревет немаше, не упатија да одиме во Ковид Неврологија кој дента се отвараше. Со нашиот автомобил се упативме, а сопругот се потешко дишеше, наместо до Неврологија стигнавме до Нефрологија, по втор обид пред Неврологија, излегоа двајца во скафандери за да ми речат: Зошто сме дошле и кој не пратил тука, дека се уште не се почнати со работа и немаат формирано тим.

Повторно се вративме на Инфективно, сопругот во автомобил а јас урлав и викав, излегоа, повторно ме упатија на Неврологија и дека они во меѓувреме ќе се јават бидејќи е хитен. Стигнавме, сопругот пожолте, почна да се тресе, а јас буквално клоцав по вратата за да отворат, а кога конечно го земаа, бев на седмо небо дека сум успеала да го хоспитализирам. Веднаш ставен на кислородна подршка, а веќе фатени двете белодробни крила, сатурација 80 од шетање таму, ваму, и навистина бил критичен.

Докторот требаше да не повика ноќта со ваков резултат, кој го најдов после неколку месеци во мобилниот на мојот сопруг, кој сам успеал да го слика. ЛДХ-472 а РЕФ. вред-120/246, Креатенин Киноза-1004, РЕФ. вред-170, што е показател за срцевиот мускул фатен од вируот и Леукоцити-1,7 РЕФ. вред-4/11, кој е најголем показател дека ќе развие тешка клиничка слика, ЦРП-ниско, со овие вредности. Да напоменам – не бевме повикани ноќта, а кога не повикаа сами веќе немаше кревет во Инфективната Државна Болница. Тимот од Неврологија навистина правеше се, како знаеше и умееше, бидејќи бев под неговиот прозор, воопшто не беше оставен на милост и немилост и самиот ги пофалуваше.

Таму престојуваше цели 6 дена до 11.11.2020 год. до моментот кога рече дека не се чувствува добро и кога почна да се опростува и вика дека си го чувствува крајот. Тогаш решивме да го префрлиме во приватна клиника, на која претходно мораше да се уплатат 14 000 евра, што е научна фантастика за нас-обичните смртници, а во меѓувреме и таму се бараше кревет.

Со луѓето, роднини, пријатели, колеги и хуманите луѓе успешно се собраа парите, беше пресреќен, ми пиша на кратко: Душичке моја стигнав, ме стабилизираа, најадоа, напија и мислам дека сум во сигурни раце. За жал Деки го изгубивме на 18.11.2020 год.
И повторно имам прашања, а се надевам дека стручните лица ДСЗО и сите други надлежни комисии ќе ми одговорат, каде што имам поднесено.

-Зошто мојот сопруг од 11.11 до 16.16 не бил третиран со Инсулин или нешто друго за дијабетот?
-Зошто мојот сопруг од 11.11 до 14.11 не бил третиран со антибиотик, а акутна плевмонија?После првата хемофилтрација му ставаат AMPICILLIN + SULBAKTAM, а тој алергичен на Пеницилин а потоа добива паничен напад.За утре дента да падне во кома, а се продолжило со истата терапија и му се вбризгува MORPHINE HYDROCHLORIDE, а уредно во здравствената книшка пишува дека е алергичен и на отпусното ливче од Ковид Неврологија (дека е дијабетичар тип 2) кај што почнаа да го третираат со инсулин.
-Зошто Д-димери од 1040 стануваат 15 700 ( затоа што не му делувал FRAXIPARIN и HEPARIN, а во Неврологија третиран со клексан, кои му делуваа?
-Зошто му е давана терапија MELATONIN и ампула IMPENEN CLASTATIN, кои во никој случај не се даваат на луѓе дијабетичари и алергични на Пеницилин?

Бидејќи мене ме охрабри Наде Јовчевска за овој потег се надевам дека и многу други фамилии кои си ги изгубиле најсаканите, најблиските, посебно ние што си останавме без сопруг и татко на нашите малолетни деца, како што рече Наде им го должиме ова, ВИСТИНАТА ДА ИЗЛЕЗЕ ВО ЈАВНОСТ.

И јавно се заблагодарувам на луѓето кои ми беа подршка, пред и сега (кои ми ја кажуваат често реченицата:Сани во секој момент сме за вас тука).А луѓето, жените со иста судбина можам да кажам си станавме семејство од цела Македонија.