Некогашниот министер за образование и наука Ненад Новковски реплицира на констатацијата од професорката Билјана Ванковска дека „толку сме среќни да бидеме понизни поданици, и име ќе смениме“.
„Кутрата! Не знае дека во меѓународните односи немаме име, туку четврт век привремена референца“, напиша членот на Владата на Љупчо Георгиевски од 1998 до 2002 година и професор на Природно-математички факултет во Скопје под објавата на expres.mk на својот Фејсбук-профил за реакцијата од неговата колешка од скопскиот Филозофски факултет.
Ванковска преку Фејсбук вчера го коментираше најновиот развој на настаните околу случајот „Скрипал“, поточно бришењето од британскиот Форин офис на сопствениот твит со кој ја обвинува Москва за труењето на поранешниот двоен шпион во Солзбери во почетокот на март.
„Ма, не! Тоа го тврдеше нашето МНР и нè скара со Русија. Исто како што за лагите на Колин Пауел и Тони Блер пративме војници во Ирак! И толку сме среќни да бидеме понизни поданици – чудо едно! И име ќе смениме за таа чест!“, напиша професорката.
На постот на Новковски таа одговори со „Немам коментар. Всушност, имам коментар: како министер, Новковски ја претставувал БЈРМ, можеби бил дури и министер во влада на БЈРМ. Можеби дури и дал заклетва врз Устав на некоја БЈРМ. Но, јас секогаш сум била Macedonian professor и сум објавувала трудови за the Republic of Macedonia“.




