Новите униформи за „Дојче бан“ се шијат во Македонија

Македонија и Бугарија се земјите во кои се шијат новите униформи за вработените во „Дојче бан“, пишува германскиот весник „Берлинер моргенпост“.



Првпат по 17 години службените лица во Германски железници ќе добијат помодерни и елегантни униформи, кои двете соседни балкански држави треба да ги испорачаат до август годинава.

„Новите униформи се шијат во Бугарија и во Северна Македонија, со почитување на сите еколошки и социјални стандарди. За почеток се порачани вкупно 900.000 парчиња од новата облека“, пишува весникот.

Станува збор за работна облека за 43.000 лица што директно ги опслужуваат клиентите по железничките станици, во возовите и во патничките бироа.

Униформите ќе бидат во темно црвена и во темно сина боја, според моделите на дизајнерот Гидо Марија Кречмер. За нивната изработка се користат природни материјали, претежно од памук, кои не содржат никакви штетни материи.