Новиот старт на пругата кон Бугарија почнува кај Шупљи Камен

Утре со почеток во 12 часот, кај местото Шупљи камен во близина на Куманово, ќе се означи уште еден почеток на изградбата на источното железничко крило за поврзување на Македонија со Бугарија – проект стар 28 години.



На покана на премиерот на македонската влада, Димитар Ковачевски, на почетокот на изградбата на источниот дел на железничкиот Коридор 8 низ Македонија – делница Куманово – Бељаковце – Крива Паланка ќе присуствува и В.Д. премиер на Бугарија, Галаб Донев.

И двете држави очекуваат што поскоро да се комплетира клучната рута од Паневропскиот Коридор 8 со изградба на главните проекти за железничка транспортна инфраструктура на нивните територии.

Во првата фаза од делницата од Куманово до Белјаковце во должина од 31 километар веќе се изградени 54 проценти, а остатокот треба да се заврши за 1,5 година.

Втората делница од 34 километри од Бељаковце до Крива Паланка, треба да се изгради за 3 години и во оваа фаза од 90-те години се изградени столбови за мостовите, некои веќе се и пробиени, а сето тоа е дел од работната задача на новиот изведувач.

Третата делница од Крива Паланка до граница со Бугарија е пократка и изнесува 24 километри. Плановите на нашата Влада е источното крило да биде готово до 2027 година.