Јавните функционери, особено министрите, треба да се воздржат од изјави кои што на било кој начин може да се сфатат како закани или како етикетирање на медиумите, се вели во денешната реакција на Здружението на новинарите на Македонија по вчерашната изјава на вицепремиерот Бујар Османи кои побара јавно извинување во рок од 24 часа од политичари и од медиумите кои случајот со пензиите во ПИОМ го поврзале со партијата ДУИ.



„Вицепремиерот Бујар Османи, говорејќи за скандалот во ПИОМ, се закани со тужби до сите медиуми кои овој скандал го поврзуваат со функционери на ДУИ. Напоменуваме дека работа на медиумите е да истражуваат и изразуваат сомневања за сите функционери, без разлика од која партија доаѓаат, а владините претставници, во случајов вицепремиерот кој е задолжен за евроинтеграциите, треба да се воздржат од закани со тужби во духот на слободниот говор за кој декларативно се залагаат“, се вели во денешната реакција на ЗНМ.