Новинар ветува нежност, Ковачевски доби шанса да докаже дека не е тиранин

Премиерот Ковачевски доби шанса да докаже дека не е тиранин кој нарачува блокада на новинари за да не можат да му поставуваат незгодни прашања.



Уредникот на Радио Лидер кој вчера со колегата Предраг Кукиќ беа блокирани од страна на агенцијата за обезбедување Роте во фирмата Пекабеско да не можат да постават прашање на премиерот, нуди Ковачевски да се соочи со новинари и да докаже дека има демократски капацитет.

Златев ветува дека ако Ковачевски се појави на интервју тој ќе биде културен и пристоен.

,,Огромна благодарност до ЗНМ и нивниот претседател Младен Чадиковски, огромна благодарност до АВМУ и нивниот директор Зоран Трајчевски, огромна благодарност за сите колеги новинари за солидарноста, посебна благодарност до Бранко Героски кој своевремено ме иницираше во новинарската професија.

Огромна благодарност и до политичките партии кои реагираа.
Денеска со колегата Предраг Кукиќ бевме спречени да присуствуваме на настан на владата, ништо страшно и ништо трагично за општества кои се тоталитарни. За демократски општества, сериозен демократски дефект!

Се надевам дека премиерот Ковачевски и владата ќе соберат достоинство да ни се извинат, доколку тој не е нарачател на нашата цензура, на премиерот му нудам кога сака во текот на неделава или на наредната недела да гостува во “Еспресо со Златев и Боцевски”, со тоа ќе покаже дека не е нарачател на цензурата.

Во интервјуто ќе бидеме културни и пристојни, но за разлика од другите интервјуа на кои има навика да гостува, нема да имаме ниту нарачани, ниту најавени прашања”, пишува Златев во поканата до Ковачевски.

Ковачевски засега не ја прифаќа поканата за интервју кое не е наместено.