Новинарот Драган Милосављевиќ повика да се организира протест, на кој присутните ќе се изразат и со песна пред домот на неговиот колега Богдан Илиевски, кој го откри спонзорирањето на лажни вести од страна на порталот Фронтлајн во сопственост на Џабир Дерала. Уредникот и водител на популарната политичка емисија „Заспиј ако можеш“ вели дека е лут затоа што „Богдан лаже дека Џабир лаже“ и предлага да се соберат сите „прогресивци“ и гласно да негодуваат поради, како што нагласува, безобразлукот на персоната Богдан Илиевски кој така ѕверски удри врз чесното име на Џабир.

Во продолжение целиот сатиричен фејсбук статус на Драган Милосављевиќ:
Лут сум и гневен поради безобразлукот на персоната Богдан Илиевски кој така ѕверски удри врз чесното име на Џабир. Да лажеш дека Џабир плаќа за лажни вести, дека спонзорира онакво бедно, простачко, некреативно, лигаво и очајно видео во кое на Александар Николоски му се вадат зборови од контекст и примитивно се прави обид за манипулација со граѓаните, е па друже Слепи миш, навистина е срамота. Особено што Фронтлајн громко те демантираа и сите не известија дека ти си тој што лаже. Мене тоа ми е доволно и затоа повикувам на итен протест пред домот на лажовот. Да се собереме, предлагам торжествено, сите ние што се залагаме за правда и за професионалност по џабиров терк. Знам каде живее Бетмен и велам да му одиме уште денес. Ќе се собереме огромна маса од сигурно 36 луѓе, од кои минимум тројца прогресивни граѓани и граѓанки, а солидни пет души се јадрото, би рекол основата но и средината и крајот на читателската публика на џабировите портали. Остатокот, кој не е за потценување, секако ќе бидат вработените и колумнистите во мизер…овај симболот на прогресивноста и демократските тенденции, џабировите онлајн изданија. Имам дури и стих кој во таа пригода може да се запее пред куќата на валканиот, непросветлениот граѓанин, но не и граѓанка Богдан. Па каже:
Излези Бетмен право на тераса
да видиш што е прогресивна маса
одмазда наша тебе ќе те втаса
ние сме Зокиња, ти си ниска класа!
Але, але, але але!
Па нека се замисли ликот дали пак ќе лаже дека Џабир лаже…
Симптоматично во целата приказна е дека во коментар под статусот на Драган Милосављевиќ и самиот Богдан Илиевски најавува дека ќе се придружи на протестот пред сопствениот дом.





