Нови пет жртви на коронавирус, 35 новозаразени

Министерството за здравство информираше дека во последните 24 часа има пет починати од Ковид 19 во Македонија и 35 новозаразени.



На Клиниката за инфективни болести почина пациент од Скопје (69) хоспитализиран на 15 мај. Во ГОБ „8 септември“ почина пациент од Струга (70) примен во болницата на 17 мај и уште двајца од Скопје – пациент на возраст од 70 години, примен на 28 мај и 47 годишен пациент на болничко лекување од 21 мај.

Во денешниот извештај на ИЈЗ е евидентирано и бебето од Скопје кое, на барање на родителите, со авион беше транспортирано во Швајцарија каде починало. Бебето беше хоспитализирано на Детската клиника и имаше позитивен резултат на ковид-19.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани од почетокот на епидемијата изнесува 2.164, бројката на оздравени пациенти е 1.535, а на починати е 131.

Бројот на активни случаи во земјата изнесува 498.