Политичкиот аналитичар и писател Ким Мехмети преку бугарски медиум одговара на критиките на дел од овдешната јавност која реагираше на неговото интервју за бугарската агенција БГНЕС, во кое меѓу другото тврди дека „Белград ја напиша денешната историја на Македонија за да ја раздели од Бугарија“.



„Оние што ме критикуваат, како и оние кои ми даваат совети и ме потсетуваат колку им дала Македонија на локалните Албанци, кои ми велат дека ќе следи казна, кои ме потсетуваат дека оваа Македонија ми дозволи да бидам тоа, што сум, тие само ја зајакнуваат мојата верба во она што го велам во интервјуто: Некои од македонската елита беа и остануваат робови на „српско-титоистичкото“ политичко сеќавање.

Спомен што ги мами да веруваат дека нивната интелектуалност и судбината на нивниот народ зависи од количината на омраза што ја имаат кон Албанците и Бугарите“ вели Мехмети.

Тој порачува „Затоа, дами и господа, не трошете го вашето време со моето интервју, туку обидете се да се ослободите од ропството на „српската“ политичка меморија, спомен што постои на столбовите на антиалбанизмот и антибугаризмот. И кога ќе се ослободите од ова ропство, ќе живеете помирно’.

На крајот во авторскиот текст за БГНЕС, Мехмети предупредува дека „ Балканскиот мини-Шенген е српски проект кој има за цел да ја врати Македонија таму каде што беше – во „Србија“.