На албанското крајбрежје продолжува насилството, ноќеска забележан нов инцидент со лежалки и пукање со оружје во друг случај.
„Шеесет лежалки изгореа околу 1 часот по полноќ денес, на 28.6.2021 година, на плажата Дримадес во крајбрежното туристичко село Дерми, кај Валона во Албанија. Лежалките биле сопственост на државјанинот Б.Д“ – соопшти ТВ „Клан“ од Албанија, повикувајќи се на соопштение на полицијата.
ТВ „Клан“ дополнува: „Причините за пожарот сè уште не се расветлени. Полицијата соопшти дека работи на расветлување на околностите на настанот.“
Се уште не е познато како изгореле лежалките, односно, дали можеби некој и намерно ги запалил, или не.

Само еден ден пред овој инцидент кај Валона, во туристичкото место Велипоја во оружен судир на плажа биле убиени 4 лица, а две повредени.
„Причината за оружениот конфликт е поделба на сопственоста над песочните плажи каде што се поставени лежалки, меѓу два хотела, оддалечени 50 метри еден од друг“ – изјави директорот на полицијата во Скадар, Нико Брахимај, на местото на настанот.
Албанскиот претседател Илир Мета реагираше по убиствата во Велипоја: „Конфликтите со огнено оружје, кои се случуваат на јавни места и во екот на туристичката сезона, ги загрозуваат животот и здравјето на десетици граѓани и сериозно ја нарушуваат сликата за Албанија кај домашните и странските туристи. Плажите и центрите на нашите градови не заслужуваат да личат на бојните полиња на Дивиот запад. Оваа ситуација, се чини, излезе од контрола и произведува жртви секој ден…“
ТВ „Клан“ денеска информира и за нов оружен инцидент во Албанија, случен, исто така, во селото Дерми: „Момче на возраст од 28 години синоќа пукало со пиштол во воздух во Дерми по конфликтот со други две лица во селото.
‘Специјалистите за криминалистичка истрага при полицијата во Химара објавија потрага по државјанинот Х.Ф (28), бидејќи се сомнева дека вчера вечерта на Дримадес пукал во воздух со оружје – спортски пиштол откако се степал со државјаните Д.Д. и О.Т.’ – соопшти полицијата“






