Нови 648 милиони евра од граѓаните за државата. 648 милиони евра државата планира да собере повеќе во 2023 година од тоа што планирала во 2022 година (по основ на даночни приходи и придонеси), пишува Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Димовски вели дека план во Буџет 2022 година бил 210 829 000 000 денари, додека план во Буџет 2023 година е 250 688 000 000 денари, односно додадена разлика е 39 859 000 000 денари или 648 000 000 евра.
– Економско лудило е во време на економска криза со сериозни социјални ризици да го инхибирате стопанството и граѓаните со плус зафаќање и одземање од нив цели 648 милиони евра. Политичко лудило е да мислите дека државата е добар домаќин и треба да и се дадат плус пари за таа да одлучува каде ќе ги распоредува (најчесто за свои нови партиски вработувања, политички клиентелизам во јавната и државна администрација, разни субвенции и поддршка на компании политички блиски до себе, пренапумпани и сомнителни јавни набавки, луксуз на многу функционери,…), потенцира тој.
Истакнува дека социјално лудило е да воведете опфат во оданочување на мали ситни бизниси и да се надевате дека тоа нема да ви создаде повеќе трошоци од приходи…
На Република Македонија и е потребно:
- Помали даноци;
- Помала администрација;
- Итна дерегулација во многу области на законодавство;
- Стимулирана конкурентност;
- Затворање на многу непотребни државни институции и претпријатија;
- Развивање на стратешка базна индустрија и енергетика;
- Ослободување на државата од многу јавни дејности кои не ги извршува правилно и добро за граѓаните;
- Кратење на непродуктивните расходи во Буџетот;
- Враќање кон финансирање на сериозно големи капитални проекти;
- Кратење и намалување на неконкурентните мерки за финансиска поддршка од разни кризни пакети и фондови кои завршуваат до тесен број на фирми и субјекти, пишува Димовски.
Нагласува дека оваа економска политика на сегашната Влада ќе ја отепа државата на среден рок. Потребни се храбри у брзи чекори за избегнување на катастрофата која ни надоаѓа…






