Новата Влада најверојатно ќе стартува на 17 јануари

Лидерот на СДСМ и мандатар, Димитар Ковачевски, денеска напладне на претседателот на Собранието, Талат Џафери, официјално ќе му ги достави Предлог-составот и Предлог-програмата за работа на новата влада.



Седница на парламентот најверојатно ќе се одржи на 15 или на 16 јануари, на која се очекува да биде изгласана новата влада на мандатарот Димитар Ковачевски.

Претседателот на парламентот Талат Џафери уште пред Нова година изјави дека очекува новата Влада да биде изгласана на 16-ти пред полноќ, и таа да биде функционална на 17 јануари 2022 година.

Согласно Законот за Влада, Владата ја избира и разрешува Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. При предлагањето на составот на Владата, мандаторот предлага министри за секое од министерствата утврдени со закон и министри без ресор. Владата стапува на должност со денот на изборот.

Ковачевски синоќа, на прес-конференција по завршувањето на седниците на Извршниот и на Централниот одбор на СДСМ, ги објави имињата на предложените членови на новата влада од оваа партија.