Нова средба Нимиц, Димитров и Коѕијас во Виена

Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција денеска во Виена ќе имаат заедничка средба со медијаторот за спорот за името, Метју Нимиц.



Грчките медиуми ја оценуваат за решавачка денешната „рунда“ разговори на Никола Димитров и Никос Коѕијас и потсетуваат дека грчкото барање за erga omnes, односно за опсегот на употребата на новото име и барањето за уставна ревизија остануваат како пречка.

„Господата Коѕијас, Димитров и Нимиц ќе ги разгледаат сите прашања што се веќе договорени на досегашните одржани преговори и ќе ги одвојат темите „трнови“ што уште ги држат далеку Атина и Скопје“ … Атина инсистира на име за севкупна употреба, додека ПЈРМ преферира двојно име“ пишуваат грчки меедиуми, како што пренесува дописникот на МИА од Атина.

Повикувајќи се на свои извори „Катимерини“ пишува дека Метју Нимиц оценувал дека „нивото на преговори меѓу Атина и Скопје е на повисоко ниво…“

Инаку вчера, еврокомесарот Јоханес Хан изрази изненадувачки оптимизам дека името може да биде решено за 15 дена. Македонскиот премиер Зоран Заев внимателно реагираше и изрази песимизам дека е тоа можно, додека од грчкото МНР му порачаа на Хан да внимава со изјавите и „да не создава погрешна слика за преговорите кои и онака не ги разбира“.