Пишува: Свето Тоевски
Граѓаните на Република Македонија, и Македонци и Албанци и Турци, Роми, Срби… сите се заплашени од ситуацијата околу струјата: има ли некој што верува дека таа нема да поскапи енормно, можно ли е да започне и да помине зимата без рестрикции во електроснабдувањето? Ова е најпрвата и најитна точка, околу која можат и мораат да се соберат пратениците од декларираното ново парламентарно мнозинство и да ја урнат Владата на Зоран Заев и на СДСМ, а потоа да се избере нова политичка Влада. Поскапувања на струјата од повеќе десеттици проценти ова целосно осиромашено население на Македонија едноставно не може да издржи. Не е потребна задлабочена анализа, за да се констатира дека електрична енергија со нова огромна цена нема да можат да издржат ниту семејните бизниси, малите стопански претпријатија, средните и големите индустриски претпријатија. Голем дел од нив едноставно ќе пропаднат и на улица ќе се најдат илјадници и илјадници луѓе без работа.
Значи, ова е една од неколкуте главни причини, поради кои пратениците од декларираното ново парламентарно мнозинство ќе мораат во овој момент да ги тргнат настрана сите свои партиски и индивидуални ставови, да се истават настрана сите забелешки кој е, или не во рамки на тоа мнозинство против НАТО, ЕУ и слично. Зашто, треба да се спасува населението, оваа разурната држава треба да се спасува од целосен енергетски, политички и социоекономски колапс, треба да се спасуваат економијата и бизнисот. Мислењата и дејствувањето на сите тие пратеници мора да бидат фокусирани приторитетно кон создавањето нова Влада и тоа не техничка, која ќе има врзани раце за итните мерки во доменот на електроенергетиката, туку кон создавање политичка Влада со полн капацитет веднаш од понеделник да се зафати со работа во интерес на најшироките слоеви на граѓаните на Македонија.
Треба најитно да се санира состојбата на РЕК „Битола“, да се набават потребните количества јаглен, да се изврши целосна анализа на сите капацитети за домашно производство на струја, што и колку може да се очекува од нив. Мора да се пристапи кон изготвување сосема нов буџет на Република Македонија без онаа мегаломанска сума од 4,4 милијарди евра. Уште отсега ќе мора да се сосечуваат сите нерационални плаќања од скудните јавни пари на населението на Македонија и новата политичка Влада, која би се формирала уште веднаш, да ги согледа сите можни „внатрешни финансиски резерви“ во буџетот и да потоа пристапи кон сеопфатен план за запирање на енормното поскапување на струјата. Премиерот на Албанија Еди Рама имаше споменато дека неговата Влада ќе издвои 200 милиони евра заради справување со енергетската криза. А колку стотици милиони евра, би морала да издвои македонската држава заради справување со жестоката енергетска криза?
Сите најспособни експерти од енергетиката во Македонија мора да бидат повикани на ургентна расправа и да го кажат својот поглед на оваа ситуација и да изнесат сосема конкретни предлози како државата Македонија и нејзиното население да се извлечат од започнатава енергетска криза на најбезболен начин. Личен став на авторот на оваа колумна е дека новоформираната политичка Влада на Република Македонија, ако е потребно, би требало во ограничена мера да посегне дури и по девизните резерви на земјата, заради откуп на струја и потоа таа енергија новата Влада да им ја отстапува со субвенционирана цена до МЕПСО, ЕСМ.. Во вонредна ситуација се преземаат и вонредни мерки. Бесмислено е да се размислува за кредити или други извори на финансиски средства надвор од државниот буџет и од она што на државата и стои на располагање. Напоредно со неодбежни штедења, да не го употребуваме зборот рестрикции во јавната сфера, почнувајќи од улични осветлувања, за реклами…
Затоа, пратениците од декларираното ново парламентарно мнозинство треба да заборават за момент на нивните меѓусебни идеолошки и политички разлики, на етничката припадност, и да го преземат онаа што е од најголема животна важност за сите граѓани на Македонија: формирање нова политичка Влада на Македонија. Треба да се имаат предвид животот на сите граѓани и економијата. Не смее да актуелнава Влада да продолжи да се „грижи“ за оваа пеплосана земја и за ова осиромашено население, ургентно е потребна нова извршна власт со целосна поддршка и со целосен политички капацитет да се преброди зимата.
Многу граѓани стравуваат што ќе се случи, ако се чекаат некакви „100 пржински денови“ со неефективна „пржинска Влада’, ако во рамки на еден временски меѓупериод Македонија остане без ефективна нова Влада. Ако се чека на нови, брзи предвремени парламентарни избори, а да нема најитна серија доброосмислени мерки за санирање на енергетскиот удар врз населението и економијата. Првин нека се добие битката со енергетиката, првин да се спречат ценовните шокови околу струјата, па потоа нека се пристапи и кон брзи избори и за се што би се договориле партиите во новото декларирано парламентарно мнозинство.






