Куќни помошнички, бебиситерки, аргати, мајстори, келнери, хостеси и сите оние кои работат хонорарно ќе треба да им се плати придонес за пензиско осигурување и персонален данок.
Ова е содржано во законот за работно ангажирање на лица за вршење работи од привремена и повремена природа кој го подготвува Министерството за труд и социјална политика. Со него на мала врата се враќа плаќањето во кеш и даночење на надоместокот на луѓето кои се ангажираат во домаќинствата, но и дејности во кои се ангажираат сезонски работници – земјоделството, објекти за сместување и подготовка на храна и во градежништвото.
Со законот се овозможува да се вработува по потреба и со можност да се плаќаат дневно и на крајот на ангажманот. Најдолг период на ангажирање на овие работници може да биде до 6 месеци, а работодавачите ќе можат нивните дневници да ги платат на трансакциска или во кеш, со тоа што ќе платат придонес за пензиско и инвалидско осигурување и данок на доход во најмал износ колку што е основицата на минимална плата и во највисок износ од 126.000 денари (2.000 евра) месечно колку што е дозволениот лимит за плаќање во кеш. Дополнително, доколку работникот добие професионално заболување или се повреди на работното место работодавачот ќе го плати и придонесот за здравственото осигурување.
Паричниот надоместок може да се исплати на крајот на работниот ден или најдоцна 5 дена по истекот на работниот ангажман, на трансакциска сметка или во готово со потврда потпишана од работодавачот и од работникот.





