Нов меѓуфракциски судир во ДУИ, немало внатрешната демократија

Во ДУИ се случуваат обвинувања од вториот човек на партијата Меџити кој тврди дека високиот државен функционер Бучи е разрешен без консултации во ДУИ каде нема внатрешна демократија.



Заменик претседателот на ДУИ, Изет Меџити објави дека вицепремиерот Артан Груби го дал предлогот за разрешување на заменик – директорот на Царината, Ирфан Бучи без внатрешни консултации во партијата – пишува денес весникот „Лајм“.

„Не ја знам причината зошто тој предложи негово разрешување на дневниот ред на Владата и потоа го повлече. Партиските тела не се консултирани за ова, бидејќи тие и онака не функционираат. Вицепремиерот Артан Груби сам ја донесе одлуката “, нагласи заменик-претседателот на ДУИ Изет Меџити.

Тој рече дека ќе побара да се отвори дебата во партијата по ова прашање: „Треба да отвориме дебата во партијата за целото функционирање на партијата, за сите теми, зашто нема внатрешна демократија“.

Партискиот колега на Изет Меџити, министерот за економија Крешник Бектеши на прашање зошто разрешувањето на заменик – директорот на Царината Ирфан Бучи беше на дневен ред вчера на владината седница и беше повлечено одговори дека тоа се случило откако Бучи најавил негова оставка од лични и семејни причини.

„Ирфан Бучи известил еден член на Владата дека поднесува оставка од лични и семејни причини и поради ова точката за негово разрешување беше на дневен ред вчера во Владата. Но, за ова прашање ќе се дискутира на следните седници “ – изјави Бектеши, објавува „Лајм“.

Во ДУИ подолго време се случува раскол меѓу таканареченото Скопско крило кое го предводат Меџити и Муса Џафери и вицепремиерот Груби и министерот Бујар Османи.

Судирот предизвика повлекување на Меџити од координаторката позиција во пратеничката група на ДУИ во пресрет на разврската на процесот што се води во Хаг за злосторствата на УЧК на Косово.

Косовските медиуми најавија дека висок претставник на Албанците во Македонија може да заврши во Хаг.