Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми денеска дадоа изјави по повод почнување со геомеханичките испитувања на почвата за изградбата на автопатот Тетово-Гостивар.

Со свечени активности за испитување на земјиштето, каде ќе поминува страничниот, алтернативен пат на автопатот Тетово – Гостивар денес беше означен почеток на работите за изградба на Коридорот 8, кој е дел од договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. И овој ден е посебен за директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, како и оној пред речиси два месеца кога беше откриена таблата која и тогаш означи почеток. Паралелно ќе се одвиваат геомеханичките испитувања, проектирањето, подготувањето елаборати за експропријација и мобилизација на градба. За Рустеми, тоа е подобар концепт.
Груби рече дека поради клаузула за доверливост не го доставиле целиот договор за „Бехтел и Енка“ до Државната комисија за спречување на корупција, додека Јавното обвинителство ја има целосната верзија.





