По скандалот со високиот функционер на ДУИ, Бекир Асани, во кој беше нападната полицајка, во Струга се случил уште еден инцидент во кој е повредена припадничка на Министерство за внатрешни работи.
Како што дознава expres.mk од очевидци на настанот, инцидентот се случил сред бел ден во центарот на Струга.
Полицајката вршела задачи од сообраќај и реагирала за непрописно паркирање на возило „голф“, во кое бил возачот.
Возачот, за кој очевидците тврдат дека е од селото Велешта, почнал да ѝ вика на полицајката и не ѝ ги давал документите од возилото. Потоа ја навредувал и пцуел и ја истуркал кога таа сакала да го приведе.
За време на инцидентот во еден момент насилникот силно ја оттурнал со рацете полицајката, при што таа се повредила. Полицајката побарала медицинска помош, а на нејзино барање преку радио врска, на помош ѝ дошле колегите.
За разлика од инцидентот во Скопје, во кој полицајците се уплашија од политичката моќ на Асани, во Струга тие го привеле насилникот.
За овој инцидент постои записник во струшката полиција, но досега МВР, иако на 8 март назначи портпарол во полицијата во Струга, сè уште не го објавила настанот.





