Нов случај на конго-кримска треска во земјава

На 12 август годинава Клиниката за инфективни болести и фербилно состојби регистрираше нов случај на конго-кримска хеморагична треска. Се работи за 42-годишен велешанец кој е префрлен на Клиниката од Општа болница Велес, истиот ден.



Почетокот на симптомите на покачена температура до 38°Ц, главоболка, болка по телото, малаксаност и обилно потење, е 5 дена пред преглед во Општата болница во Велес. Веднаш е известен ЦЈЗ Велес да формира тим кој направи епидемиолошка анкета на заболениот, проценка на ризик во семејството и на лицата кои биле во контакт во здравствените установи – информира Институтот за јавно здравје.

Пациентот е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и во стабилна општа состојба.

Како што соопшти ИЈЗ, контактирана е Агенцијата за храна и ветеринарство за дополнителни истражувања на терен. Тестирањата се направени на Одделот за вирусологија при ИЈЗ.

Ова е трет случај на конго-кримска хеморагична треска. Претходно девојка почина по убод од крлеж, а потоа се зарази и болничарката од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, каде се лекуваше девојката.

Заразената болничарка се лекува со лекот Рибавирин, а како што информираше директорката на Клиниката за инфективни болести, д-р Милена Стевановиќ пациентката е во стабилна состојба и влегува во фаза во која се очекува појава на крварење или таканаречена хеморагична фаза.

Одделот за епидемиологија на заразни заболувања при ИЈЗ е во комуникација со ЦЈЗ Велес и ја следи состојбата, а доколку има промена, соодветно ќе информира – се додава во соопштението.