Нов дипломатски скандал го тресе Министерството за надворешни работи, предизвикан од кадрите на Никола Димитров, пишува порталот вечер.мк.
Според порталот вршителот на должност во македонската амбасада во Загреб, Назиф Џафери, физички го нападнал третиот секретар Башким Мисими, нанесувајќи му телесни повреди. Нивното меѓусебно нетрпение за кое веќе подолго време сведочи македонската дијаспора во Хрватска, кулминирало со тепачка во просториите на дипломатско-конзуларното претставништво, за што имало и сведоци.
За ваквиот срамен инцидент набрзо се дознало и во дипломатскиот кор во Загреб, но и во хрватското МНР каде се шокирани од однесувањето на македонските дипломати и начинот на кој ја претставуваат државата, пишува Вечер од каде сметаат дека министерството за надворешни работи се обидува да ја сокрие оваа нова бламажа од јавноста, за да не му наштети на рејтингот на министерот Димитров, чие кадровско решение е првиот човек во амбасадата, Назиф Џафери.
“Изминатите три години, серија инциденти фрлија огромни дамки врз македонската дипломатија, почнувајќи од тепачки, финансиски малверзации, па се до обиди за поставување амбасадори со двојни државјанства и лица со криминални досиеја”, пишува порталот.
Последниот скандал со кадри во МНР се случи за втори мај кога генералниот конзул на Македонија во Бон на втори Мај честиташе ослободување на територии од страна на УЧК во 2001.
Извор vecer.mk





