Нов оптимизам на Османи – решение со Бугарија веќе следниот месец

Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи во интервју за бугарската телевизија Нова вели дека тоа што Бугарија сега има политичка Влада го отвора патот за пронаоѓање решение на спорот и одблокирање на патот на Северна Македонија кон Европската унија, нагласувајќи оти решение може да има веќе следниот месец.



„Потребно е да има сеопфатен пристап. Да, историјата е важна, но ние секој ден правиме историја, создаваме историја. Јас прифаќам само еден аргумент зошто досега не беше најдено решение, бидејќи немаше политички кабинет. Сега навистина нема причина да се даваат долги рокови, кога има политички кабинет. Има стабилно мнозинство во Република Бугарија и во Република Македонија и можеме да седнеме уште од утре, да ги продолжиме разговорите и уште во јануари да има решение“, нагласи Османи.

Османи во интервјуто за бугарската телевизија вели дека новиот пристап кој го изнесе Петков со вклучување на сегашноста и иднината за земјава е важна порака, но напомена дека предлогот за шестмесечен рок за пронаоѓање решение е премногу долг.

Министерството за надворешни работи досега разменуваше предлози со бугарското министерство предводено од тамошната службена влада која осум месеци раководеше со земјата. Османи вели дека за тие прашања кои се дел од таканаречниот пакет пет плус еден, македонската страна дала компромисни решенија. Тој посочи дека Македонија нема да се меша во внатрешните работи на Бугарија во однос на начинот, на кој се организираат нејзините граѓани.

„Република Македонија и Република Бугарија имаат различен начин на етничкото организирање на граѓаните. Кај нас Уставот признава етнички заедници. Во Уставот е запишано – македонскиот народ, етничките заедници на албанскиот, турскиот, ромскиот и.т.н. Во Бугарија тоа нешто не постои во Уставот. Нашата позиција е дека тоа е прашање за кое Бугарија самата ќе решава како ќе се организира. Ние немаме никаква намера да се мешаме во тоа како Република Бугарија ќе се организира“, рече Османи.