Триумфот на Романија од 3:0 над Албанија во Галаци ѝ донесе на одбојкарската репрезентација на Македонија ново учество на завршниот турнир во Европската сребрена лига, за кој и самата придонесе со синоќешната победа од 3:0 над Босна и Херцеговина во Тузла.



Романците завршија први во групата Б со 14 бода, пред Македонија и Албанија со по 10, но „црвено-жолтите“ се втори поради подобриот сет-количник од 13-10 наспроти 12-11 на Албанците.

Во своето седмо полуфинале во ова натпреварување избраниците на селекторот Ратко Павличевиќ на 18 јуни ќе ја имаат Финска, а во другиот полуфинален дуел ќе се сретнат Романија и домаќинот на фајналфорот Унгарија. Победниците наредниот ден ќе играат не само за освојување на Европската сребрена лига, туку и за пласман во Европската златна лига 2023, како и за премијата од 50.000 евра.

Во досегашните шест настапи на завршните турнири македонските одбојкари имаат четири сребра, вклучувајќи го и ланското од Струмица и по една бронза и четврто место.