Бившиот генерален секретар на Владата и сегашен секретар во кабинетот на премиерот, Драги Рашковски, купил софтвер за сообраќајни казни, а МВР воопшто не знае за набавката и не планира да ја користи, објавува новинарката на 360 Степени
Ирена Каревска.
Рашковски кој предходно беше инволвиран во скандалозна набавка на систем за контрола на небото за МНАВ, како генсек на Владата набавил и софтвер кој се уште не е функционален и не се знае дали воопшто некогаш ќе проработи.
Не може да се набави софтвер, а допрва да се набавува хардвер и допрва софтверот да се стави во употреба, вели за 360 Степени Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации, кој со години ги мониторира јавните набавки во земјава.
Според Рашковски прашањето за овој скандал е тенденциозно.
„Ќе ве замолам, без тенденциозни наметнувања, затоа што не е коректно да кажете дека во период кога било се компетитивно, кога имало три компании, дека се поврзуваат со мене. Според мене, тоа е само наведување за нешто што апсолутно не е така во реалноста“, вели Драги Рашковски, поранешен генерален секретар на Владата и актуелен секретар во кабинетот на премиерот запрашан за случајот.
Минатата година владата на Зоран Заев купила софтвер што ќе овозможи автоматско казнување.
Од тогаш изминаа повеќе од осум месеци од датумот кога софтверот требало да биде испорачан, а камерите не изрекуваат директно сообраќајни казни.
“Софтверот не го купил надлежниот ресор МВР, туку Генералниот секретаријат на Владата – тогаш предводен од Драги Рашковски.
Огласот бил распишан во ноември 2019 година, се пријавиле три фирми, а со победникот „Инвока гроуп“ бил потпишан договор вреден околу 81 000 евра во февруари 2020 година. Софтверот, кој треба да одредува брзина, локација, регистарска табличка и да регистрира прекршоци, како на пример, поминување на црвено, требало да биде испорачан најдоцна во јули 2020 година”, објавува 360 степени.
Рашковски, кој сега е секретар во кабинетот на премиерот, задолжен за мониторинг на реализацијата на владината програма и стратегиските проекти, вели дека испораката била навремена, а дека софтверот не е во функција од други причини.
„Софтверот е предаден, истестиран и е комплетно во сопственост на Република Северна Македонија, меѓутоа поради почетокот на короната и поради тоа што има потреба од одредени законски измени коишто треба да следуваат, пред сѐ во делот на заштита на личните податоци, треба да се види дали се поклопува негде со заштита на приватноста на луѓето. Сите тие сегменти беа опфатени, се почна со една работна активност и се чека поминување на пандемијата која сега полека гледаме дека стивнува за да се финализира целокупниот процес за негова понатамошна примена“, вели Рашковски.
Рашковски е еден од високите државни функционери кој е од Струмица и се смета за дел од моќното струмичко лоби кое во владата го инсталираше премиерот Заев.
Целата информација за овој чуден тендер на линк во кој може да се види
зошто Генералниот секретаријат купувал софтвер за казнување сообраќајни прекршоци кога тоа е работа на полицијата, која, патем, управува со актуелниот систем „Сејф сити“?





