„НМ“: „Во европска Бугарија 58 години политика на негирање, асимилација и омраза кон македонското малцинство“

„Меѓународното движење за човекови права (ММДЧП), кое активно работи веќе 36 години на полето на човековите права, од своето основање во 1986 година, во најновиот годишен извештај за 2021 година констатира огромен број аномалии, пропусти, злоупотреби, прекршувања и лавина противправни и антиевропски постапки на институции и политичари од Бугарија во однос на Македонците во оваа земја. Тие бараат итни мерки и надворешна интервенција, особено од европските институции за дисциплинирање и европеизација на Бугарија.“ – вели весникот „Нова Македонија“ во својата редакциска анализа со наслов „Може ли Брисел да ја дисциплинира Софија?“

„Бугарија против европските вредности, демократијата и човековите права“

„Нова Македонија“ пишува: „Во текот на 2021 година положбата на македонското малцинство во Бугарија се влоши поради напнатоста во односите меѓу неа и Македонија, поради обидите на Софија да го принуди Скопје да се откаже од постоењето на тамошното македонско малцинство и кампањата, што се спроведува против него во оваа насока. Во бугарското општество владее нетрпеливост кон Македонците. Кон нив е насочен говор на омраза, кој честопати нашироко се пренесува низ медиумите без да биде казнет од државните институции и без да наиде на осуда од општеството, се вели во годишниот извештај на Македонското меѓународно движење за човекови права.“

„Во извештајот се посочува дека се одбележуваат веќе 58 години од почетокот на политиката на негирање, асимилација и дискриминација на македонското малцинство во Бугарија, иако поминаа14 години откако Бугарија стана членка на Европската Унија. Во врска со прекршувањата на човековите права во 2021 година се забележани голем број случаи, меѓу кои како најспецифични се посочуваат постојаното негирање на македонското малцинство, нација и идентитет, говор на омраза, повреда на правото на здружување, малтретирање на македонски активисти, антиевропскиот попис спроведен меѓу септември и октомври 2021 година, како и одбивањето на властите да почнат дијалог со Македонците од Бугарија.“

„Македонското малцинство во Бугарија нема ниту едно од правата предвидени во Рамковната конвенција за правата на националните малцинства. Во училиштата децата не учат ништо за македонското малцинство и нација, напротив, им се сервираат информации во кои не само што никаде нема каков било спомен на македонската нација и малцинство туку и се негира нејзиното постоење. И покрај големиот број препораки од меѓународните тела, бугарските власти упорно продолжуваат да одбиваат да водат дијалог со македонското малцинство, се наведува во извештајот.

„Негирањето на македонското малцинство е основа за говорот на омраза на кој е подложено македонското малцинство. Оваа омраза добива форма на јавно омаловажување на Македонците. Македонското меѓународно движење за човекови права и македонското малцинство во Бугарија бараат ЕУ и НАТО да го осудат грубо прекршување на правата на Македонците и конечно спроведување на конвенциите за човекови права.“

Интернет- врска до целата анализа:



https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/mozhe-li-brisel-da-ja-disciplinira-sofija/