НМ: Да се забетонираат македонската државотворност и јазик! – Западот е за широка Влада по изборите, заради промена на Уставот!

Свесна за длабоките рововски позиции околу уставните измени на актуелната власт и на опозицијата, меѓународната заедница во заднина турка агенда за некаква послеизборна широка коалиција, која полесно би ја спровела обврската да се направат уставните измени и на тој начин одговорноста да биде споделена и умалена. Временската рамка на концептот е ова да биде направено уште во првите 100 дена од мандатот на новата влада, и да се амортизира граѓанското незадоволство од ваквата постапка…“ – се нагласува во анализата на Сашо Таневски под наслов „Широка коалициона влада за уставни измени?!“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



На сцена алтернативна стратегија на западни центри за промената на македонскиот устав

Покрај другото, натаму во анализата се истакнува: Обврската за спроведување на уставните измени со кои би се вметнале Бугарите во македонскиот устав, преземена со избрзаното прифаќање на францускиот предлог, стои како Дамоклов меч над македонските евроинтеграции. Оваа обврска останува и за секој иден собраниски состав, кој мора да најде решение за излез од ќорсокакот. Уставните измени, на кои инсистира официјална Софија, станаа составен дел на македонската преговарачка рамка со ЕУ. Тоа е преседан незабележан во ниту еден интегративен процес на актуелните земји членки на Унијата, но и на земјите кандидати, кои веќе преговараат.

Ставот на повеќето аналитичари, со кои се консултиравме, е дека уставните измени ќе мораат да се случат, бидејќи државата презела обврска, а странците ќе бараат творечки решенија како да се реализира најбезболно тоа. „Странските претставници не забораваат да споменат дека мора да ги направиме уставните измени. Веројатно затоа во последно време се изнесува став за некаква широка влада по изборите, која би ги направила уставните измени уште во првите 100 дена, со цел одговорноста да биде споделена и умалена.“ – посочуваат нашите соговорници.

Според нив, ако веќе промената на Уставот е обврска, тогаш мора да се најде начин како од сето тоа како земја да не бидеме повторно губитници како што беше случајот со промената на името. „Западот ги претпочита широките влади оти така полесно може да ги оствари сопствените интереси. Ако веќе уставните измени се нужно зло, тогаш е потребно да се бетонираат државотворниот статус на македонскиот народ, статусот на македонскиот јазик, симболите и унитарниот карактер, а за сите други работи можат да се наоѓаат инвентивни решенија.“ – констатираат соговорниците.