НМ: „Списанието ‘Македонија’ во 1903 напиша дека Гоце ‘започна да ги буди заспаните гени на Македонецот“

„На 119-годишнината од смртта на македонскиот идеолог и водач Гоце Делчев ги одвојуваме пишувањата на весникот ‘Прапорец’ и на списанието ‘Македонија’ од 1903 година како најавтентично сведоштво за легендарниот македонски национален херој и за суштината на неговата идеологија.“ – се вели во статијата со наслов „Апостол на слободата на револуционерна Македонија“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

„Архивски сведоштва за ликот и делото на македонскиот великан Гоце Делчев“

Во статијата на „Нова Македонија“ пишува: „За ликот и делото на великиот македонски национален херој Гоце Делчев се објавени многу историски трудови од македонски и странски автори. Но од денешна перспектива, кога Софија го спори македонскиот карактер на Делчев, особено се важни видувањата на неговите современици. Неколку недели по смртта на македонскиот великан, неколку весници и списанија од Бугарија објавија статии, во кои ја обележаа неговата смрт.“

„Чедо на својот народ и олицетворение на цела епоха“

„На 7 јуни 1903 година бугарскиот весник ‘Прапорец’, официјален орган на бугарската Демократска партија, на својата насловната страница со еден опширен текст ја соопштува веста за смртта на Гоце. Статијата го носи насловот ‘Гоце Делчев. Нејзиниот автор, или автори не се познати. ‘Прапорец’ ја објавува и славната фотографија на Делчев, која денес сите ја препознаваат, а во нејзината легенда стои: ‘Пронижан од непријателски куршум, падна во с. Баница, Серска каза’.“

„Во статијата авторот, или авторите, се потрудиле да го соопштат неговото значење за македонското револуционерно движење. Пишува дека Гоце ‘станал апостол на слободата и дејствувачки организатор на револуционерна Македонија’. Според објавата на ‘Прапорец’, Делчев е ‘олицетворение на цела епоха, чедо на својот народ’. Јасно се образложува идеологијата негова и на целото македонско револуционерно движење. Се вели дека Гоце Делчев се борел за слободата ‘како нераскинливо право на сите населени во татковината, без разлика на вера и народност’.“

„На крајот од статијата стои: „Историјата – зошто тој ѝ припаѓа на неа – сестрано ќе го оцени Делчев. Но, ние, неговите современици, ако судиме за десетиците самоотруени и самоубиени херои, умрени со насмевка на устата и спокојство на лицето во минути на неодолива опасност – не можеме да не коленичиме пред тој велик учител на слободата.“

„Гоце го крена тешкиот крст на слободата во светата татковина Македонија“

„Во мај 1903 година, илустрираното списание ‘Македонија’, уредувано од Милан Грашев и од Михаил Копанов, објавува поширока статија за ликот и делото на Делчев. Според ‘Македонија’, Гоце во Штип бил посветен во револуционерната организација и благодарение на „железната волја“ бргу го привлекол вниманието на Централниот комитет, кој ополномоштил да го ‘свика страдалниот роб на оружје и да го прсне семето на слободата’.“

„Натаму пишува дека Гоце ги ‘пројавил блескавите дарби на одличен организатор’ и со ‘вдахновение на древен пророк го кренал тешкиот крст на правдата и слободата’ во ‘светата татковина’ и започнал да ги буди заспаните гени на Македонецот, да ги освестува умовите, да влева живот во срцата и огин во крвта. Според пишувањата на весникот, Гоцевата слава како виор се пренела по сите катови на ‘благословена Македонија’ како ‘епски херој’.“

Интернет-врска до целата статија:



https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/apostol-na-slobodata-na-revolucionerna-makedonija/