НМ: Со Дводомниот Парламент на Таравари се разбива унитарниот карактер на Македонија! – Тоа е надоврзување на „Илирида“ од 1992!

„Идејата за дводомен парламент, која деновиве ја реафирмираше претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари, воопшто не е нова, туку влече корени во нешто што се провлекува подолга низа години, од независноста на Македонија. На еден или друг начин за неа се залагале повеќемина политичари од албанскиот блок, при што крајната цел останувала иста – разбивање на унитарниот карактер на Македонија.“ – истакнува весникот „Нова Македонија“ во својот редакциски коментар со наслов „Наместо интегративци, со години однатре работат дезинтегративци “.



Барањето за дводомен парламент има долга предисторија

Веднаш по осамостојувањето беше побарано да се создаде посебен албански ентитет Илирида, во рамките на Македонија, со посебен парламент и со сите надлежности на една држава во држава! Во 1992 година претседателството на Партијата за демократски просперитет (ПДП) донесе одлука да се распише референдум за Илирида со прашање „Дали се за политичко-територијална автономија на Албанците во Македонија?“. Беше спроведен, но власта ги отфрли неговите резултати.

Потоа претседателот на Демократската партија на Албанците во Македонија Арбен Џафери побара промена на Уставот и дводомна држава на два носечки народа, каде што би требало да функционира дводомен парламент.

Покрај дводомен парламент, за потсетување е уште еден инструмент во насока на концептот на албанските политички радикали за двонационална Македонија: во 2012 година Демократската унија за интеграција побара и одвоен буџет, таканаречен национален буџет за Албанците, со кој би се подвоил, односно би се деунитаризирал политичкиот систем, и би се биетнизирал економско-стопанскиот систем.

Во форма на барање за распределба на народните пари по некаков етнички или,  територијален принцип, во 2012 година ДУИ инсистираше да се најде правен механизам, со кој ќе се обезбеди распределбата на државните финансиски ресурси според рамковен клуч уште за буџетот. Тоа беше оценето како политички концепт за федерализација на државата. За мнозинството граѓани беше неприфатлива идејата единствениот економски систем, кој функционира според пазарните принципи, да биде нарушен со критериуми, што не се дел од макроекономската и од фискалната политика.

Во изминатиот период се промовираше и иницијатива за формирање „заедница на албански општини“, која би водела до формирање собор во дводомно собрание, своевиден меѓучекор до дводомен парламент, затоа што во вториот парламентарен дом, според замислата на споменатиот концепт, би биле мнозинство претставници од регионите.