„Партиите од власта се обидуваат да стигнат до бројката од 80 пратеници, потребни за изгласување на уставните измени, но 80 проценти од Македонците се против внесувањето на Бугарите во Уставот, покажуваат најновите истражувања на јавното мислење. Ако вака искажаната волја на народот се преслика во законодавниот дом, тоа би требало да значи дека барем 80 проценти од народните избраници (или 96 актуелни пратеници) би требало да ја почитуваат волјата на народот и да гласаат против уставните измени.“ – се вели во својата анализата со наслов „Дилема не треба да има, а сепак има!“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Чии интереси застапуваат пратениците во Собранието?
Покрај другото, во анализата пишува: Во високата политика често се манипулира со бројките. Така беше и при промената на името на државата, кога мнозинство македонски граѓани бојкотирајќи го референдумот искажа политичка волја дека се против промена на името, но тогашните пратеници не го послушаа гласот на народот и подоцна со лажнополитички и противправни методи беше сменето името на државата. Јавноста и граѓаните со неверување се прашуваат сега: каков е капацитетот на македонското собрание за заштита на македонските национални интереси?!
Поучени од претходните искуства, кога беа дословно пре(про)дадени, изиграни и изневерени од своите пратеници, сега граѓаните и јавноста се во недоумица кон кого имаат, или треба да имаат одговорност народните избраници. Дали кон лидерите на своите партии, дали кон странските емисари, кои изминатиот период се растрчани во кампања на (раз)убедување или кон својот народ, од кого го добиле мандатот за институционално застапување? Дилема не треба да има, а сепак има!
„Ќе се расцепка и ќе се поларизира домашната политичка сцена околу една измислена и лажна расправа за наводно ‘за’ и ‘против’ Европа, наместо пратениците заеднички да се концентрираат на заштитата на македонските национални интереси. Една таква расправа и нудење решенија за заштитата на македонските национални интереси би била многу попродуктивна и би испратила многу помоќна порака и дома и пред светот.“ – велат аналитичарите.
Стигна порака од Софија, ќе возврати ли со иста мера Македонија?
Пред почетокот на собраниската седница за уставни измени стигна порака и од Софија. Бугарија, која досега не спроведе ниту една од 18-те пресуди на Меѓународниот суд за човекови права што се во полза на македонските здруженија од Бугарија, сега ни кажува што треба ние да правиме, ако сакаме во ЕУ.
„Р*М мора да ги спроведе потребните реформи и да ги исполни условите, ако сака да започне преговори за влез во Европската Унија.“ – изјави заменик-претседателката на ГЕРБ, Екатерина Захариева, која е потпретседател на Комисијата за надворешна политика во бугарското собрание и поранешна министерка за надворешни работи.
Захариева ги повика, како што вели, „македонските соседи и пријатели да не се плашат од промените“. „Измена на Уставот на Р*М не е голема работа. Бугарите се дел од реалноста во Р*М и тоа мора да се прифати.“ – нагласи таа. Треба да се очекува некој од домашните политичари, или институции да испрати исто барање до Бугарија, со напомена дека и Македонците се реалност во Бугарија и оти таа не треба да се меша во внатрешните работи во Македонија, туку дома да ги исполни европските пресуди и барања за давање целосни граѓански права на Македонците во Бугарија. Тоа не би требало да биде голема работа за Софија, може да се нагласи во дописот. Во моментов тоа би бил вистински македонски потег во вистинско време.





