НМ: „Население има се помалку, но партиите се полни со членство и приходи од државниот буџет“

„Македонија во последните две децении загуби околу една десеттина од своето население, но тоа речиси воопшто не се одрази врз бројот на членовите на партиите, кои забележуваат раст и на членството и на приходите и на финансиите од буџетот на државата? Сепак, партиите се соочуваат со криза. Граѓаните сѐ помалку веруваат во партиските изборни понуди и програми, поради нефункционалноста на инструментите на контрола и поради немањето конкретна одговорност, ако партиите не ги исполнат изборните ветувања.“ – се наведува во анализата со наслов „Државата се празни, партиите се полнат?!“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

„Чудни појави на домашната политичка сцена“

„Нова Македонија“ пишува: „Најголемите политички партии покажуваат голема отпорност кон губењето на населението и кон општото незадоволство на граѓаните од нефункционалниот државен систем и од политичарите. Нивното членство, барем според бројките за кои се зборува, упорно се одржува на ‘преткризното’ ниво, а некаде и се зголемува. Сите проблеми што произлегуваат од споменатите сѐ понеповолни околности многу полесно се решаваат преку членување во некоја од партиите.“

„Вработувањата во најсигурниот, државен или јавен сектор, стипендиите, субвенциите, концесиите, учеството во јавните набавки… се само некои од привилегиите резервирани за партиското членство. Кога на тоа ќе му се придодадат и можностите што државата им ги дава на партиите преку нивно директно финансирање од буџетот, тогаш тие можат да се сметаат како најбезбедно засолниште во овие сѐ потешки и понеизвесни времиња.“

„Како инаку да се објасни состојбата во која државата во последните две децении загуби околу една десетина од своето население, а тоа речиси воопшто не се одрази врз бројот на членовите на партиите или на нивните гласачи? Барем на прв поглед, нејасно е и од каде партиите постојано го обновуваат своето членство кога, според неодамнешната анкета на Институтот за демократија, човекови права и достоинство, повеќе од 67 отсто од младата популација, на возраст до 30 години, сметаат дека политичките партии не можат да го подобрат животниот стандард во државата.“

„Во државава функционира само партизацијата. Политичките партии го окупираа целиот јавен простор и луѓето, за да ги остварат своите цели, се принудени да се зачленат во некоја од политичките партии. Многу е изразен и стремежот на умножување на членските книшки, односно една иста личност да биде зачленета во повеќе партии, така што ги користи книшките во зависност од тоа кој е на власт.’ – објаснува универзитетскиот професор Јове Кекеновски.“

Интернет-врска до целата анализа:



https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/drzhavata-se-prazni-partiite-se-polnat/