НМ: „На повидок специјална операција – преживување: како граѓаните да се справат со силниот ценовен бран, како да опстанат?“

„Пензионерите, студентите, семејствата со повеќе деца, самохраните родители се дел од најранливата категорија граѓани, врз кои порастот на цените на производите има големо влијание. Сите тие градат посебни стратегии за врзување крај со крај и за опстојување.“ – вели весникот „Нова Македонија“ во својата анализа со наслов „На повидок специјална операција – преживување “.

„Нова Македонија“ пишува: „Стандардот на граѓаните во Македонија е силно разнишан, поради здравствената, економската и енергетската криза во последните две години, како и од последиците од војната во Украина. Цените на горивата и храната постојано растат, зголемувајќи ја истовремено загриженоста кај најранливите категории граѓани за тоа што носат и како да се поминат денот и месецот. Ценовното цунами што го зафати пазарот на електричната енергија, нафтата, гасот и на пченицата силно удри и по џебот на пензионерите, студентите, младите и семејствата со деца, кои и пред глобалната економска и здравствена криза се соочуваа со зголемените животни трошоци.’

„Мерките на македонската влада во изминатиот период, влијаеја на ублажување на ‘инфлаторното’ влијание врз семејните буџети, но и натаму останува неизвесноста за голем број од населението за тоа како ќе ја пребродат најголемата светска криза во последните дваесет години. Од Сојузот на здруженијата на пензионери во Македонија сметаат дека грижата за највозрасната популација во земјата треба да биде повеќеслојна, во сегашните социоекономски услови. Првенствено тоа се однесува на подобрување на социјално-материјалниот статус на старите лица, преку остварувањето редовни и, секако, повисоки пензии.“

„Околу 83 илјади лица се во најниската категорија на пензиите и затоа е потребно да се врши навремено усогласување на нивните пензиски приходи со порастот на трошоците за живот. Во овој дел, Владата веќе го прифати и барањето на пензионерските здруженија за усогласување на висината на пензиите по двата критериума, со порастот на трошоците за живот и со порастот на просечната плата во земјата. Одобрувањето финансиска помош од илјада денари за три месеци значително ќе го заштити нарушениот стандард на пензионерите. Покрај високите цени за основните животни потреби, пензионерите се соочуваат и со проблемот за обезбедување редовна медицинска терапија. Во изминатите две години, пензионерите беа изложени и на зголемени трошоци за заштита на сопственото здравје.“

„Во лоша состојба се старите лица во селските подрачја, кои не можат сами да одат на редовни лекарски прегледи. Нивните деца што живеат во урбаните центри, поради високите трошоци за превоз, не се во можност да ги посетуваат редовно. Некои пензионери ги издржуваат и семејствата на нивните деца, кои останале без работа во услови на пандемијата! Со повисоки трошоци за живот се соочуваат и младите брачни двојки со малолетни деца, кои мораат да водат сметка за секој потрошен денар.“

Интернет-врска до целата анализа:



https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/na-povidok-specijalna-operacija-prezhivuvanje/