„По толку години и сега со силна болка се сеќавам на таа слика и на зборовите на Кате дека Блаже по рафалното пукање сѐ уште бил жив, но Бугарите со бајонетите го убиле пред нејзините очи.’ – одекнуваат и денес зборовите на сведокот на масакрот, Наде Ицева Јанева.“ – наведува весникот „Нова Македонија“ во својата редакциска статија со наслов „Повод – 79 години од масакрот во Ваташа“.
„Крвавото злосторство никогаш не застарува“
„Нова Македонија“ пишува: „Денеска навршуваат 79 години од еден од најкрвавите настани во македонската историја: стрелањето 12 младинци од селото Ваташа, од страна на припадниците на бугарската фашистичка власт, во екот на националната и политичка борба на македонскиот народ за сопствена држава и права. Настанот се случил на 16 јуни 1943 година, кога бугарската армија и полициските сили, предводени од капетанот Борис Жеглов, поручникот Борис Костов и подофицерот Петко Опреков, под команда на полковникот Љубен Апостолов, командант на 56-от Велешки пешадиски полк при Петтата бугарска армија, вршат погром врз цивилното население со намера да извршат притисок врз локалното население да не го помагаат македонското партизанско движење.“
„Тогаш безмилосно биле убиени: Перо Видев (15-годишен), Ванчо Гурев (19), Дако Давков (18), Илија Димов (18), Ристо Ѓондев (18), Блаже Ицев (20), Пане Мешков (18), Герасим Матаков (18), Ферчо Попѓорѓиев (26), Васо Хаџиjорданов (28), Диме Чекоров (20) и Пане Џунов (18).“
„Сестрата на Блаже Ицев, Наде Ицева Јанева, со длабока тага зборуваше за немилите настани кога ги евоцираше своите спомени за ‘Нова Македонија’ пред неколку години. Нејзините зборови длабоко одекнаа во јавноста, бидејќи се живо сведоштво за еден настан што многумина сакаа и сѐ уште сакаат да го релативизираат или сосема да го избришат од сеќавањата. Но ваквите злосторства не се забораваат, тие остануваат длабоко врежани во колективната меморија на цели народи.“
„Младинците биле безмилосно тепани од страна на полицискиот заменик-началник Петко Опреков, поручникот Борис Костов и двајца бугарски агенти. По измачувањата, бугарските вооружени сили во колона ги одвеле кон Моклиште. Кај месноста Чаир, Васил Хаџијорданов се обидел да побегне, а по него и некој од другите, по што била издадена наредба за стрелање. Сите дванаесет младинци биле убиени, од кој најмладиот имал само 15 години. Еден од стреланите непосредно пред смртта извикал: „Стрелајте кучиња, но нашата идеја нема да умре“. Четирите девојки што биле притворени, не биле убиени.
„Постојат сведоштва дека и покрај рафалната стрелба, некои од стреланите не починале веднаш. За ова, но и за вистинското лице на бугарските војници, останаа запишани зборовите на сестрата на Блаже Ицев: ‘Сестра ми Кате влезе во дворот, изнемоштено падна. Мајка ми ја праша каде е Блаже, а таа со плачење одговори дека е стрелан. По толку години и сега со силна болка се сеќавам на таа слика и на зборовите на Кате дека Блаже по рафалното пукање сѐ уште бил жив, но Бугарите со бајонетите го убиле пред нејзините очи извикувајќи: ’Гледајте, не седнувајте комунистки, гледајте‘.“
„Крвавиот масакр во Ваташа не е исклучок, туку тактика на бугарската фашистичка власт и нејзините вооружени сили. Во историјата е забележано дека исто како во Ваташа, царска Бугарија и нејзината фашистичка влада постапиле во бугарското село Јастребино на 20 декември 1943 година, кога биле убиени 18 души, вклучувајќи и осум деца, поради сомневање за помагање на бугарските партизани.“
Интернет-врска до целата статија:
https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/krvavoto-zlostorstvo-nikogash-ne-zastaruva/





